Заедницата на единици на локалната самоуправа апелира и сугерира Парламентот на Република Македонија, итно и без одлагање, а најдоцна до петок оваа недела, да изнајдат решение за мандатите на градоначалниците и општинските совети.
Една од можностите, според ЗЕЛС, е измена на Изборниот законик, наместо прва половина да се утврди нов датум за одржување на локалните избори.
Од ЗЕЛС потсетуваат дека до Уставниот суд на Република Македонија е доставена иницијатива од Министерството за локална самоуправа за да се разгледаат одредени членови на Изборниот законик и Законот за локална самоуправа, а во однос на мандатите на градоначалниците и претставниците на општинските советници.
„Сакам да замолам никој да не го злоупотреби ова наше обраќање како форма на притисок, туку како барање за итно решавање на проблемот, а во интерес на граѓаните на Република Македонија“, рече претседателот на ЗЕЛС, градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски на денешната прес-конференција на која присуствуваа и потпретседателите на ЗЕЛС, Невзат Бејта и Зоран Дамјановски.
Од ЗЕЛС истакнуваат дека со прекинување на мандатот на 15 мај, локалната самоуправа нема да може да ги извршува своите законски обврски и клучни надлежности. Меѓу ова, Трајановски наброја дека со ова може да се доведе во прашање противпожарната служба, која е општинска надлежност, а поради непримање плата може да немаат услови за извршување на обврските.
„Нема да се издаваат градежни дозволи, околу 5 илјади вработени во локалната самоуправа нема да примаат плата, како и над 10 илјади вработени во јавни претпријатија, над 30 илјади вработени во основните и средните училишта и градинките. Може да се доведе во прашање и испораката на вода, собирањето на смет, како и склучување бракови, бидејќи официјални сведоци се членови на општинските совети“, рече Трајановски.
Во тој контекст додаде дека ќе се стопира развојот на бизнисите и фирмите, затоа што нема да се издаваат Б интегрираните дозволи, нема да има улично осветлување заради тоа што за него се грижи локалната самоуправа, а и многу културни манифестации ќе се откажат.
Од ЗЕЛС истакнуваат дека се во контакт со сите градоначалници и советници и нивниот став им е познат, а тој е дека се додека не се создадат соодветни законски предуслови, градоначалниците и советите нема да носат одлуки, затоа што во спротивно ризикуваат дека преземаат противправно поведение. – Притисокот е дотолку поголем што правото на локална самоуправа претставува право на граѓанинот утврдено со Устав. Не е дозволено да се ограничува ова право на граѓанинот, велат од ЗЕЛС.
Законската рамка со која се уредува прашањето на траењето на мандатот на членовите не советот и градоначалниците се Законот за локалната самоуправа и Изборниот Законик, како и Уставот на Република Македонија. Со членот 35 од Законот за локалната самоуправа се утврдува дека членовите на советот се избираат за време од четири години, сметано од денот на преземањето на функцијата со акт на државната изборна комисија. Но со членот 49 од овој Закон се утврдува дека градоначалникот се избира секоја четврта година на непосредни избори. Со членот 52 од овој Закон се утврдува рокот од 7 дена за преземање на должноста на новоизбраниот градоначалник од актуелниот. – Сакаме да укажеме и на Изборниот законик со кој се утврдува дека локалните избори ги распишува претседателот на Собранието и треба да се одржат во првата половина на мај, посочуваат од ЗЕЛС.