5.8 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

Дојдете во Чаир на романтика

Пишува: Атанас Величков

Во шумата од омраза, навреди и меѓусебни негирања, на facebook се појави нешто ново и многу интересно. Нешто што може да ни биде пример на сите, дека можеме да живееме онака заедно и мангупски. Група млади момци скопјанчиња направија facebook страна насловена Чаирска романтикаСтранава е местото каде секој еден (без разлика дали е чаирчанец) може да го најде своето катче за „проветрување“ од политиката, економијата, криминалот и останатите „тешки“ теми, што го мачат нашето оболено општество.

Арно им текнало на дечките да направат група каде зборовите „шиптар“ и „каур“ не се користат за да навредат некого. Арно им текнало, бидејќи во последно време политичарите заборавија на фактот дека тие се таму, каде што се, само заради народот. Народот од своја страна пак не сака да влегува во конфликти. Сака да живее во мир и разбирачка. Сака да се смее на нови досетки и стари шали, сака да си спомни за некои градски фаци и урбани легенди. Народот не сака да се гледа на крв, туку сака да јаде сончоглед од најкултната семкара во Чаир „Балем“. Сака да јаде сончоглед и да ја продава старата чаирска фора „Зашто си го закачал на брат ми“?. Брат сите знаеме дека не постои… Тука се крие и таа романтика, која сакаат да ни ја доловат дечките што се администратори на таа facebook страна.

На вжештените глави од овде, а и на оние „преку барата“ би сакал да им препорачам да погледнат малку подалеку од партиските групи и страници, каде некакви штапски стаорци, што никад у живот немаат гризено брадавица, им го перат мозокот преку силата на манипулацијата со напумпани наслови, извитоперени изјави и ноторни лаги. Излезете малку од вашите ѕвона. Погледнете ја реалноста околу вас. На светот има и нешто по важно од тупањето по рамо. Има живот, има места каде и Комити и Шверцери си терат мајтап без да се мразат. Има места каде двојазичноста не боли и не е алатка за добивање на ситни политички поенчиња. На тие места постои платформата на фер односот. Такво место во виртуелниот свет е токму страната Чаирска романтикаКако што велат админите, „Добродојде во Чаир е: Ела бе, не се плаши“. Ве повикувам да појдете сите во Чаир на романтика. Ако не се курчите, никој нема да ве дирне :). Појдете и видете, како тоа можат Ацо и Блерим да бидат најдобри другари… Одете и купете си сончоглед или донер, и наполнете си ја устата со сладост, а не со омраза.

PS: За само неколку дена страната Чаирска романтика собра неколку илјади допаѓања (фанови). Внатре се сите: Македонци, Албанци, Турци, Босанци… Можда залутал и некој буљаш :). Влезете да проверите.

поврзани објави

Последни објави