Пропаднаа обидите на битолскиот градоначалник Владимир Талески да го овековечи времето на своето владеење со Битола преку снимање на документарен филм. Една недела пред Уставниот суд да не им ги продолжи мандатите на градоначалниците, Oпштина Битола се откажала од постапката за собирање понуди за снимање на филмот, пишува СДК.
На интернет страницата на Бирото за јавни набавки на 4 мај е објавено дека е поништена постапката за снимање и монтажа на документарниот филм „Развојот на Битола 2005 -2017“ поради непредвидени објективни околности со кои се промениле потребите на договорениот орган.
Филмот беше планирано да се плати со пари од граѓаните , односно од општинскиот буџет во вредност од 8.200 евра без ДДВ. Избор на фирма требаше да се изврши уште на деветти март годинава.
Најавата дека со општински пари ќе се снима филм за Битола во време на трите мандати на Талески, повеќето битолчани ја дочекаа на нож. Коментираа дека не ги остварил ветувањата за обнова на планинарскиот дом Копанки, изградба на затворен базен, реновирање на стадионот и други проекти. Филмот се планираше да се снима иако против Талески и неговите соработници е поднесен обвинителен акт од СЈО за случајот „Транспортер“ за злоупотреби со превозот на ученици во Битола. Талески помина и тримесечен куќен притвор што сигурно немаше да се внесе во развојниот филм за Битола.
Според интернет страницата на Бирото за јавни набавки поништени се и други постапки од општина Битола. И тоа, внатрешното опремување на киното „Манаки“ кои и по четири години од стартот на градбата не е готово. Поништена е и постапката за адаптација на подтрибинскиот простор на градскиот стадион „Тумбе кафе“ во соблекувалните поради пропусти во тендерската документација. Со реконструкција на северната трибина стадионот во Битола остана без соблекувални, па дел од натпреварите ФК „Пелистер“ наместо дома ги играше на гости. Градоначалникот Талески неколку месеци наназад најавуваше дека се преземаат активности за адаптирање на соблекувални на другата трибина.