fbpx
17.8 C
Skopje

Џафери: Запалливите изјави на одредени политичари можат да допринесат за влошување на односите меѓу Македонија и Србија

АКТУЕЛНО

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери во интервју за белградската агенција БЕТА изјави дека македонскиот парламент и тој се отворени за соработка со институциите на Србија и оцени дека запалливите изјави на политичарите во секој случај можат да допринесат за влошување на односите меѓу двете земји.

„Тие придонесуваат кон влошување на односите, прво индивидуално меѓу претставниците на институциите, а тоа нормално, преку пропагандата влијае и врз односите меѓу народите, односно граѓаните на државите во регионот. Секој би требало да биде одговорен во контекст на изјавите што ги дава за своите колеги во другите земји“, рече Џафери.

Во врска со изјавата на српски политичари дека албанските политичари во регионот се закана по мирот и стабилноста, не само на Западен Балкан, туку и во Европа, Џафери рече дека мисли оти „од политички аспект не е умесно политичките претставници на народите еден со друг да се квалификуваат на таков начин“.

Џафери рече дека македонските и српските политичари мора да комуницираат повеќе без оглед на нивните разлики.

„Моја препорака е што повеќе да комуницираат меѓу себе, без оглед колку различно размислуваат за одредени работи“, рече Џафери.

Џафери во интервјуто не одговори на прашањето дали неговата партија, ДУИ го условила лидерот на СДСМ, Зоран Заев со таканаречената „Тиранска“ платформа односно кажа дека тој како претседател на Собранието не може да зборува за односите меѓу политичките партии.

Запрашан како според него би се решил спорот за името со Грција, рече дека како претседател на Собранието не може да си допуштил да го анализира тоа прашање.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -