Белата куќа демантираше дека претседателот Донад Трамп побарал од сменетиот директор на ФБИ, Џејмс Коми да „покаже лојалност кон него“.
Според американските медиуми, во разговорот во „четири очи“ што тие двајцата го имале во текот на нивната приватна вечера во Белата куќа, Коми рекол дека на претседателот му нуди чесност, но не и лојалност.
Медиумите тврдат дека постојат разлики и околу тоа како дошло до вечерата. Коми има изјавено дека бил поканет од претседателот, додека Трамп сега зборува оти доскорешниот директор на ФБИ барал една таква средба меѓу нив двајцата.
Секретарот за печат на Белата куќа, Шон Спајсер, во меѓувреме, ги отфрли како неточни медиумските информации, дека приватната вечера била „озвучена“ што значи дека била снимена и дека за тоа би требало да постојат ленти.
Реакцијата на Спајсер доаѓа откако претседателот Трамп, на Твитер запишал дека е „подобро Коми да се надева оти не постојат ленти“ што во делови од американската јавност се прима како „благо прикриена“ закана.
Претседателот нема повеќе што да додава околу сето ова, рекол Спајсер во разговор со домашните новинари, порачувајќи дека „Твитер пораката доволно зборува самата за себе“.
Медиумите во САД, но и угледни политичари од редовите на демократите, сметаат и понатаму дека станува збор за „закана“ кон Коми, а Си-Ен-Ен, повикувајќи се на извори, блиски до сменетиот директор на ФБИ тврди дека тој самиот порачал оти „нема од што да се плаши, доколку и постојат некакви ленти“.
Претседателот Трамп е соочен со остри критики и проценки за неговата одлука да го смени директорот на ФБИ во екот на истрагата за руското мешање во американските избори, како и за можните врски на луѓето од изборната кампања на Трамп со Русија.