Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски, веднаш по доделувањето на мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев од Ѓорге Иванов напиша дека следен чекор е формирање нова Влада и конечно ќе може Македонија да тргне во правилна насока.
Еве што напиша Жерновски:
Зрно по зрно – погача.
Убава македонска изрека, која најдобро ја опишува стратегијата на Заев во последните две години. За некои, опозицијата делуваше премногу меко и премногу бавно, но факт е дека овој пристап даде резултати, притоа задржувајќи го мирот и стабилноста во земјата.
Му честитам на Зоран Заев за истрајноста, доследноста и мудроста која ја покажа.
Сега преостанува уште само еден чекор, формирање на Влада, која сум сигурен дека ќе се случи и конечно ќе може Македонија да тргне во правилна насока.
Но, сакам да кажам уште нешто за Ѓорѓе Иванов. Никако и никогаш не треба да му се заборави штетата и срамот кој тој и’ го приреди на Македонија. Покрај ова, верувам дека тој е подготвен на уште нови срамни епизоди со цел блокирање на процесот на нормализација. Допрва ни претстојат уште политички битки, важно е да се продолжи со истата смиреност и мудрост.