Г-не Малчески, Вие сте дел од Форумот на слободоумни патриоти и веќе подолго време повикувате на промени во врвот на Вашата матична партија ВМРО-ДПМНЕ. Дали според Вас во партијата има доволно капацитет да се преземат такви мерки, а имено промена на претседателот и секако неговото најблиску опкружување?
Промена на врхушката и избор на ново раководство е неопходен чекор доколку ВМРО ДПМНЕ сака да опстане на политичка сцена. Изминатиот период заедно со Владимир Змејковски и Републичкото координативно тело на Форумот сме во постојан контакт со членството и наш впечаток е дека во ВМРО ДПМНЕ се уште има луѓе кои членуваат од идеолошки побуди и се спремни да застанат рамо до рамо со нас кон остварување на единствената цел спас на ВМРО ДПМНЕ од заминување во политичка историја, нормално и спас на партијата од врхушката.
Во сите Ваши настапи Вие правите јасно разграничување меѓу високите партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ и обичното членство на партијата. Дали сепак и дел од членството не носи одредена вина за проблемите, во кои се најде партијата, гледано се разбира од перспективата на солидниот број „слепи“ послушници и „зависни“ играчи?
Видете, она што успеа врхушката е сурово да го изгладни народот и од горди луѓе да направи измеќари за 100 или 200 евра. Јас сум убеден дека многу од луѓето беа под жесток притисок на закани и уцени и правеле работи против своја волја. Ова мое убедување го темелам врз бројните сознанија за невиден притисок и уцени, кои изминативе години од врхушката се вршени врз сите слоеви на оптеството. Ако може за нешто да им се замери тоа е само заради тоа што ќутеа, кога требаше да бидат гласни. На време да кренеа глас и да застанеа рамо до рамо со нас од Форумот, работите немаше да дојдат до тука. Многу одамна врхушката ќе заминеше во политичка историја и ќе одговараа за нивните злодела.
Колкав според Вас е процентот на партиските членови кои до 2006 г., беа убедени „Бранковисти“, а по таа година се трансферираа со цел личен интерес и цели 11 години, беа големи „вмровци“, покривајќи се со патриотизмот и грижата за Р. Македонија?
Најголема грешка на врхушката е тоа што идеологијата ја замени со интерес и “горда” послушност. Никогаш, никое раводство не направило ваков упад со луѓе со сомнително минато, сомнителни биографии и сомнителен морал. Колкав е процентот не знам. Сигурно е голем, бидејќи јас не си ја познавам партијата во која имам поминато половина од мојот живот. Но, едно е сигурно врхушката со нивна помош систематски ги ништеше вистинските вмровци, т.е. систематски ја ништеше државата.
Дали очекувате по напуштањето на власта истите тие, популарно наречени „сончогледи“ да ја исчистат прашината од своите стари книшки од СДСМ и да се обидат повторно да влезат во „игра“, но веќе со нов дрес?
Видете тоа се луѓе со сомнителен морал и ништо ама баш ништо не би ме изненадило од нив. Јас знам дека веќе голем дел од нив се прогласиле за докажани експерти и професионалци и веќе чукаат кај новиот мандатар и бараат функции или се нудат да ги работат истите неморални и нечесни работи, кои во изминативе години ги работеа за врхушката.
Каде според Вас се крие проблемот македонскиот десничарски блок да се обедини и заеднички да се спротистави, во чисто политички план се разбира, во времето што доаѓа, на скоро сигурното составување на Влада од страна на СДСМ?
Проблемот е во суетите, во слабата меѓусебна доверба и капацитетот на одредени самоплоглесени политичари, кои повремено се јавуваат и како експерти. Не знам што ќе се случува со другите десничарски партии, но скоро сум сигурен дека на ВМРО ДПМНЕ ќе му се случи дегруевизација, јасно дистанцирање на партијата од злоделата на врхушката, како и враќање на партијата на идеолошките корени и на основите на кои е формирана. Процесот ќе биде тежок и макотрпен, но сигурен сум дека тоа е единствениот пат по кој треба да оди новото раководство доколку сака повторно да ја добие довербата на граѓаните.
Не дојде ли времето македонските партии да ги заборават поделбите на „фили“ и „мани“ и на полето за политички натпревар да ги презентираат своите чисто идеолошки политики за развој на земјата? Каде според Вас згреши вашата матична партија во тој поглед?
Одговорот е едноставен, кога идеологијата ќе ја замените со интерес и “горда” послушност, тогаш и нема што друго да очекувате освен ваков крај на таа погубна политика. Мислам дека е дојдено време да се прекине со навиката да се оцрнува политичкиот противник и од тоа да се прави кампања за доаѓање на власт, без притоа да се нудат решенија за проблемите кои ги тиштат граѓаните. Време е политичките партии да излезат пред граѓаните со чесна политичка понуда и свое видување за тоа каде треба да се движи Македонија.
Македонија тапка во место. Од први на Балканот пред 13-14 години, сега нашата земја е на последно место во редот на кандидатите за влез во Евроатлантските структури. Кој според Вас има интерес од оддалечувањето на Македонија од европскиот пат и дали не е трагичен фактот што токму во времето на демохристијанската партија ВМРО-ДПМНЕ, Македонија застана во место и ја загуби својата предност од блиското минато?
Одговорот е пак едноставен, врхушката и удбашко-мафијашките структури кои и слугуваа. Ја изолираа Македонија во нивната пуста желба за брзо богатење и сурово владеење. Дали во сето ова има и надворешни влијанија, во моментов не можам да кажам, но времето е најголем судија и ако ги имало истите ќе испливаат на површина.
Дали верувате во зборовите на мандатарот Заев дека во Македонија лошите практики од минатото ќе бидат заборавени? Дали очекувате некаков вид на реваншизам од страна на СДСМ кон подржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и пред се Никола Груевски?
Јас би оставил времето да покаже. Што ќе се случува со врхушката не знам, верувам дека ќе одговараат за криминалите и злоделата кои ги имаат правено. ВМРО ДПМНЕ не е врхушката, тие ја имаат узурпирано партијата за свои лични цели, одмазди и богатење. Силно сум убеден дека доколку СДСМ посегне по партијата ќе наиде на жесток одговор од наша страна. Сепак, многу од нас им се спротиставија на врхушката и на Груевски кога беа најсилни, дури и порано и пожестоко и од самиот СДСМ. Кога кренавме глас, тогаш и не остапивме ни милиметар од нашата борба, нема да остапиме ниту сега.
Дали според Вас мандатот на Специјалното Јавно Обвинителство ќе биде продолжен и дали случаите отворени од тимот на Катица Јанева ќе добијат правна разрешница? Постои ли можност под ударите на законот да попаднат припадници на вториот и третиот ешалон на власта, а „врхушката“ како што Вие го нарекувате тесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ да остане недопрено од силата и строгоста на законот?
Специјалното Јавно Обвинителство има добиено мандат кој мора да го заврши ефективно и сите случаи кои ги водат да добијат правна разрешница. Тоа е единствениот пат доколку сакаме да излеземе од оваа бездна во која се наоѓаме од 2009 па до ден денешен. Мое мислење е дека сите оние кои правеле криминали и злодела ќе одговараат пред законот без разлика на која функција биле, т.е. без разлика дали припаѓале на првиот, вториот или некој друг ешалон.