Од првиот ден кога ВМРО-ДПМНЕ и официјално е опозиција, според информации до кои дојде Плусинфо, се појавуваат симптоми дека на повидок е ситнење на членството на партијата, кое според извор на порталот, сака да премине во ВМРО-НП. Добро упатениот извор за Плусинфо вели дека деновиве во ВМРО-НП дури има воспоставено и редовна дежурна служба „која е задолжена да ги прима странките“.
Според изворот на Плусинфо тројца пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ најверојатно ќе преминат во ВМРО-НП, а деновите пред да се додели мандатот, дваесетина стари кадри од ДПМНЕ барале прием во ВМРО-НП.
Според изјавата дадена за Плусинфо на лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов, „Груевски може единствено да се смени на конгрес по барање на членството, но бидејќи тој е под негова целосна контрола, единствен начин таа партија да се спаси од него е сам да одлучи да се повлече од раководството на партијата“.
– Членови на ВМРО-ДПМНЕ преминуваат и во Обединети за Македонија, конкретно од прилепскиот регион – вели лидерот на Обединети за Макеоднија, Љубе Бошковски.
Според него, тоа е процес кој ќе биде незапирлив.
Тој истакнува дека сепак, сè уште се воздржани околу приклучувањето и враќањето, затоа што не можат да вратат секого во ОМ.
Според Бошковски, ирелевантно е дали Груевски ќе биде сменет на конгрес или ќе остане и натаму претседател.
– Дали Груевски ќе биде претседател или некој Антонио, или слични на него заразени со груевизмот, со тоталитаризмот, тоа е небитно прашање – вели тој.
Тоа што според Бошковски е битно, е што да се прави со членството на ВМРО-ДПМНЕ, како што вели Бошковски, со искрените борци за македонската кауза и идеологијата.