Поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, изјави дека не би го зачудило доколку ВМРО-Народна партија, Обединети за Македонија и Достоинство станат дел од новата влада бидејќи, како што вели, тие во изминатите пет-шест години работат за СДСМ.
За мене не е изненадување имајќи во обзир дека партиите на Љубчо Георгиевски, Лубе Бошковски, Стојанче Ангелов, Јове Кекеновски, Павле Трајанов,… се во служба на СДСМ и играат различни улоги. Во некои периоди улогата им беше да им бидат коалициски партнери, а на последните избори да бидат посебни субјекти, да се прикажат како независни за да земат што повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ, односно да му помогнат на СДСМ да има повеќе пратеници, рече Груевски во одговор на новинарско прашање по увидот во градежните работи на новата зграда на АД ЕЛЕМ.
Јас тоа го кажував и во кампањата и воопшто нема да бидам изненаден доколку сега станат дел од владејачката гарнитура и да добијат некои директорски или било какви места. Тоа е нормална последица на целото нивно работење и соработка со СДСМ во изминатите пет-шест години па и повеќе, рече Груевски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ продолжува да се појавува на владините проекти и настани во својство на претседател на партија, кој веќе година дена нема никаква државничка функција.