fbpx
-4.2 C
Skopje

Кекеновски: Најголемите непријатели на ВМРО-ДПМНЕ не се од надвор, туку внатре во партијата

АКТУЕЛНО

ПОГЛЕД: Г-дине Кекеновски – Што се случи во Собранието на 27-ми април? Кој беше изворниот план на ВМРО-ДПМНЕ тој ден?

Со упадот во Собранието на организирана и изманипулирана група на луѓе се случи најголемиот срам за Република Македонија и срам за сите граѓани во нашата држава. Со упадот се погреба демократијата и демократските процеси и на тој ден започна самоуривањето на Груевски и неговите партиски прислужници. Времето и истрагата ќе покажат кој е инспираторот, организаторот и сценаристите на овој срамен чин кој требаше да ја втурне Македонија во една вонредна состојба со што би продолжило и понатаму неодговорното и криминално владеење. Јас не би сакал да говорам и мислам за постоење на некои планови на мојата партија ВМРО ДПМНЕ од причина што најголемиот дел од членството на партијата не стои зад ваквиот срамен чин, туку претпоставувам и се сомневам дека тоа го сторија одделни индивидуи на највисоки и високи партиски и државни позиции со помош на криминални структури а можеби и со помош на служби на соседни држави.  И  затоа одговорноста не смеее да се генерализира и да се става на терет на ВМРО ДПМНЕ, туку е потребно истата да се индивидуализира.

ПОГЛЕД: Дали начинот на кој што е избран Талат Џафери е неуставен и нелегитимен?

Парламентарното мнозинство не смее да дозволи диктатура на парламентарото малцинство, а најмалку да ја трпи манипулацијата и злоупотребата на некој кој седнал на спикерското (претседавачкото) место, како и тортурата на партиските подлизурковци и слепи извршители на функцијата пр(л)атеник. Парламентарното мнозинство има право да избере претседател на Собранието иако лично мислам дека самиот чин на избор требаше да се одвива на поелегантен начин за да не се оставеше никаков простор за сомнеж за бројот на добиени гласови при изборот на Претседател на Собранието на РМ.

ПОГЛЕД: Заев го доби мандатот и се очекува да седне на премиерското столче. Дали можеме да очекуваме реформска Влада и дали според Вас СДСМ ќе дозволи медиумите да работат слободно и независно?

Сигурен сум дека после десетина години на деструктивно и криминално владење и свесно руинирање на целиот систем нема сериозен политичар или пак совесен граѓанин во државава кој не размислува за реформска влада и реформски процеси. Друго е прашањето колку тоа ке може во пракса да се реализира со оглед на последиците со кои допрва ке се соочуваме како резултат на недомакинското и неодговорно досегашно владеење.  Во секој случај дури и да се работи за најлоша идна влада (мислам на персоналниот состав) повеке сум од сигурен дека онака како што се работело во минатото нема и не смее да се работи во иднина. Што се однесува до медиумите не сум многу оптимист, сметам дека тие и понатаму ке бидат поделени по партиска основа и ке креираат и промовираат политика во зависнот од тоа кој колку ке ги финансира. Така ќе биде се додека досегашните контролирани и корумпирани сопственици на медиуми, уредници и новинари не се најдат пред лицето на правдата и се додека во иднина не заживее принципот на објективност и одговорност. А за тоа за жал треба малку повеке.

ПОГЛЕД: Претседателот на СДСМ најави генерален реизбор на судиите. Дали со самото тоа што челникот на идната Извршна власт на Република Македонија најави еден таков процес, не остава простор за сомневање дека утре и новоизбраните судии би биле „партиски“ послушници, а не професионалци во својата област?

Генерален резибор може да се заврши само доколку во најкраток можен рок се направи објективна и стручна ревизија на досегашната работа на судиите и обвинителите како и преиспитување на капацитетот, стручноста и етичноста на сите досега избрани судии и обвинители. Меѓутоа не смее да се заборави и запостави прашањето на итно разрешување (или побарување на оставки) и одговорност на судии и обвинители кои јавно и бесрамно застанаа во одбрана и заштита на криминалот и криминалните активности на досегашните властодршци. Исто така за поголем број членови на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители мора да се побара сериозна одговорност заради фактот и сознанијата дека досега тие служеле како извршители од најдолен тип на наредбите и предлозите кои најчесто доаѓале од партискиот и државен врв. Судството е еден од најглавните столбови на една држава и затоа мораме најбрзо овој столб да го направиме да биде цврст како гранит и отпорен на секакви идни партиски и државни влијанија.

ПОГЛЕД: Кои според вас се можните нови лица на Десницата во Република Македонија?

Овие десетина години се изнагледавме ,,нови” лица во десницата и за жал сите ние благодарение на тие ,, лица” долго време ке ги трпиме последиците од нивната сервилност, нестручност, апашлук, неморалност. мизерлук и нечовештилак.  Десницата во Македонија има свои препознатливии веке докажани старо-нови лица борци за демократија, заложници за владеење на правото и правната држава. Тоа се борци кои досега ревносно и искрено се бореа против сите аномалии било тие да потекнуваа од десницата или пак од центарот и левицата. Се работи за принципиелни лица и вистински патриоти на кои на прво место им е државата, државните и националните интереси а потоа партиските.

ПОГЛЕД: Сте добиле ли во овие 10 години било каква понуда од раководството на ВМРО-ДПМНЕ за да замолчите и да не ги критикувате нивните политики?

Не сум добил и не сум посакувал никаква функција. Но и да ми била понудена или дадена некоја функција тоа во никој случај немало да влијае на моите критички ставови кон сето она што не е во согласност со моите морални принципи и стручни ставови како и со она кое е спротивно на Уставот, законите и општо прифатените морални норми Единствено што посакав и се обидов да се изборам е мојата кандидатура за кандидат за претседател на државата на Конвенцијата на ВМРО ДПМНЕ. За жал поради некоректниот однос на лидерот и генералниот секретар како и поради наредената и издиригирана од делегатите на Конвенцјата поддршка за мојот против кандидат Иванов, мојата победна изостана. Но без разлика на се јас и тогаш и денес се чувсвувам како морален победник, а моие заложби во понудена програма долго време ке бидат водилка за делувањето и заложбите на секој иден  кандидат и избран претседател на државата.

ПОГЛЕД: Како гледате на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со партии како што се Титови Леви сили, партијата на Амди, Ѕинго, Стевче Јакимовски?

Секако дека тоа беше знак дека идеологијата на партијата одамна е мислена именка. На сметка на тоа битен беше квантитетот а не квалитетот на политички субјекти. Едниствена цел беше што е можно повеке да се ослаби или пак осакати политичкиот противник, да се опстои на освоената позиција како и да реализираат лукративните цели и интереси како против услуга за дадената подршка на овие мали партии и лидери.. За сите нив најважен чин е учеството во власта и уживање на привилегиите кои ги нуди власта. Сите овие персони во оваа неприродна коалција политиката ја поистоветуваа со најстариот занает во светот, немајќи капацитет да сватат дека таа е доблесна и возвишена работа која треба да се води во интерес на сите.

ПОГЛЕД: Г. Кекеновски – Што се случи со некогашниот ваш близок пријател и соработник г. Иван Соколов. Актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ го нарекуваше со погрдни зборови, беше еден од погласните критичари на претседателот Иванов, додека денес е еден од луѓето кои жестоко ги бранат токму политиките на раководството кое претходно го нарече „неморално“ и „неетичко“ и за кое побара прошка од Бога?

Навистина незнам што да кажам за луѓе кои еден ден критикуваат и омаловажуваат а друг ден им се умилкуваат на тие што ги критикуваат и омаловажуваат и бараат од нив ситни услуги. Што да кажам за луѓе кога бараат морално и етичко однесување од другите, а се однесуваат неморално и неетички пред се кон најблиските свои соработници, пријатели и другари. Што да кажам и за другите кои пак сето тоа го знаат, но пак ги прибираат до себе ваквите персони, најверојатно само да им измекарувааат односно да им слугуваат и одработуваат. Секој понатамошен коментар за вакви и слични личости ке биде одвишен. Едноставо секој човек  колку и да глуми сепак во одреден момент си го покажува своето вистинско лице и карактер.

ПОГЛЕД: Што ќе им порачате на десничарите, демохристијаните и ВМРОВЦИТЕ од ВМРО-ДПМНЕ?

Вистинските вмровци патриоти мора да знааат и конечно да сватат дека ВМРО ДПМНЕ има помалку непријатели однадвор отколку одвантре. Најголем непријател на ВМРО ДПМНЕ се криминализираните структури во партијата како и сите оние кои се на привремена работа во партијата. Партијата и државата не се штитат со молчење, лигавење и сервилен однос туку со енергично спротивставување на воспоставениот ,,систем без вредности”, односно, антисистем единствено по мерка на владејачката партиска клика. Не смееме и понатаму да дозволуваме пред наши очи авторитаризмот да се практикува како секојдневна и нормална демократска практика. Мораме заеднички да ставиме крај на практиката нестручноста и нечесноста да се нудат со етикетата на авангардност, а обидите и злоупотребата на државните и на партиските функции да се претстават како производ на светските цивилизациски трендови. Не смееме да дозволиме нашата сиромаштија која е резултат на криминализираното владеење да се оправда како ,,нужен” производ на идејата за колективно жртвување во името на некакви ,,повисоки” државни интереси   Доста беа лаги и манипулации.

Членството на ВМРО ДПМНЕ мора да знае дека демохристојанството налага среќата и успехот на поединецот или групата да се бараат во среќата и благосостојбата на останатите припадници на општеството и државата, но и обратно. Демохристјанството не дозволува  екстремно богато партиско раководство на сметка на народот.Верниот и искрен демохристијанин ја отфрла слепата покорност и потчинетост кон секој облик на власт односно ги отфрла сите облици на авторитарно и тоталитарно владеење. Демохристијанството налага водењето на државната политика да биде засновано на морални критериуми и принципи и почитување на демократските права и слободи на граѓаните

Мојот глас против не е глас против партијата и чесното членството, туку глас против штетните политики на поединци од раководната и под раководната структура на партијата, против приватизираноста и централизираноста на партијата која служеше и која сеуште служи како параван за реализација на лични и лукративни цели на поединци. Јас и како поединец и како еден од основачите на ФРОДЕМ (здружение на граѓани кое се бори за демократизација на партијата) се борам и ја поддржувам секоја инцијатива која има за цел да ја демократизира мојата матична партијата ВМРО ДПМНЕ, секоја иницијатива која има за цел да побара одговорност од партиската врxушка за досегашните штетни политики, се со цел партијата да опстои на политичката сцена како и да ги вратиме обележјата на демократска и современа демохристијанска партија.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -