Претседателот на ВМРО Народна партија Љубчо Георгиевски во интервју за бугарската Bloomberg ТВ вели дека треба да се одржи балканска конференција, која ќе се зафати со решавање на проблемите во регионот.
Георгиевски вели дека не ги променил своите ставови во однос на поделбата на Македонија, искажани пред 17 години. Според него кризата во Македонија нема да се реши, иако има нова влада.
За односите меѓу Република Македонија и Бугарија, Георгиевски потсетува дека тој е еден од ретките политичари кои зборува дека Македонија треба да има добри односи со Бугарија.
Не гледам никакво непријателство во целата таа ситуација, напротив, сум ги истакнувал сите добри чекори кои Бугарија ги има направено спрема Македонија. За жал, Македонија уште живее во старата југословенска политика, старите југословенски структури. Жално е што некогаш главни противници на таа тема ми беа СДСМ, а денес се ВМРО-ДПМНЕ, луѓе кои едноставно го носат името ВМРО, но на планот на своето однесување, се однесуваат како да немаат прочитано ништо од историјата на ВМРО. Ценам дека односите меѓу Македонија и Бугарија се како Македонија и Чиле, како Македонија и Аргентина. Сметам дека господинот Заев најавува промена во политиката кон Бугарија, се надевам дека ќе продолжи со менување на курсот. Јас навистина сметам дека има простор за одење напред, Македонија може да искористи многу од поддршката на Бугарија на патот кон ЕУ.
Моето чувство е дека ако од наша страна имаме покоректен однос кон Бугарија, тие ќе бидат многу сериозен адвокат и борец за евроатланската интеграција на Македонија, вели Георгиевски.
Тој додава дека Македонија се гордее со својата мултиетничност. „Во Македонија не е проблем да се кажете дека сте влав, албанец, србин, турчин. Единствен проблем долги години во Македонија беше да се кажете дека сте македонски бугарин. Но според моите сознанија, тие групи стануваат се поголеми и си земаат се повеќе права да се чувствуваат рамноправни граѓани на Република Македонија.“
Не гледам ништо трагично во тоа одредени личности од овие наши балкански простори да се одбележуваат заедно, да се прославуваат заедно. Мене ми е жал што во Македонија ја има уште таа стара југословенска комунистичка школа на историја. Меѓутоа тоа е друг проблем кој треба да се дискутира со историчари, рече Георгиевски.
За влијанието на Русија во Македонија, Георгиевски вели дека во 2001 година кога Македонија беше нападната и имаше војна, Русија со ништо не и помогна на Македонија, туку Украина беше таа што и помогна на Македонија. Ако ги гледаме последните година дена точно е дека има серија на изјави на високи функционери од Русија кои се зачудувачки, но тоа јас го врзувам ова со оваа конфронтација на глобално ниво.
Георгиевски вели дека во политичкиот дел Македонија беше нема по прашањето на Украина. „Во 2001 година на нас Украина ни помогна, а не Русија,“ потсетува тој во интервјуто за бугарската Bloomberg TV.