fbpx
-4.2 C
Skopje

(ВИДЕО) Османи: Целта на Владата е сите да бидат дел од овој воз тргнат кон Брисел

АКТУЕЛНО

Почитувани претставници на граѓанските организации и почитувани претставници на медиумите.

Дозволете и јас да дадам мој осврт во однос на потребата од фокусирање во овој период кон нашата европска агенда. Меѓутоа и од потребата на вклучување на невладиниот сектор во тој наш заеднички напор за постигнување на овие цели.

Прво, благодарам што сте толку овде во голем број, во оваа сала што укажува на тоа колку ние сме посветени на европската агенда, посветени сте и вие, а вие сте клучен фактор во овој процес. Нашето заедничко работење во тој дел ќе биде само една дополнителна вредност во постигнувањето на нашите цели.

Формирањето на новата Влада не означи само отворање на ново поглавје во односите помеѓу Република Македонија и Европската унија или пак помеѓу Република Македонија и соседите, помеѓу Република Македонија и проблемите со кои што се соочува. Тоа што е важно е дека со формирањето на Владата ние формално означивме крај на една тешка институционална и политичка криза која што остави лузна на државата, на нашиот имиџ пред светот кој што треба сите ние како политичари, меѓутоа и вие како граѓански сектор да работиме заедно и да го вратиме тој имиџ и да ја вратиме демократијата и владеењето на правото.

Владата уште од првиот ден почна со една интензивна агенда. Како што знаете бевме во посета на Брисел каде што бевме примени на највисоко ниво од претседателот Туск, Модерини, од комесарот Хан, од генералниот секретар на НАТО Стотелберг кој што беше уште еден поттик, уште еден имплус повеќе за нашата посветеност кон евроагендата која што е приоритет без алтернатива. Приоритет кој што го бараат граѓаните на Република Македонија, бидејќи од последните анкети повеќе од 75% од граѓаните се за членство на Република Македонија во Европската унија и НАТО. Согласно тие суштински разговори кој што ги имавме во Брисел, меѓутоа и согласно посветеноста на Владата во овој период, јас симболично кажувам, да го прогласи период за интеграции или Владата да биде тематска Влада за интеграции. Владата донесе Одлука да се формира реформски план, тоа што премиерот го кажа – реформски акционен план кој што треба во точно определена временска рамка да каже кои се нашите можности да испорачаме, со цел да докажеме пред нашите европски партнери дека сме посветени кон нашата европска агенда, со цел после локалните избори да добиеме чиста препорака од Европската комисија. Имајќи предвид дека ние добиваме осум консекутивни препораки од Европската комисија. За жал последните два се условни препораки и во тие услови се  организирање на фер и кредибилни избори, а вториот услов е ургентните реформски приоритети. Бидејќи првиот услов го исполнивме и на    11 декември имавме фер и кредибилни избори кои што беа прифатливи за сите ни остана вториот услов кој што мора да го адресираме до октомври, до есента. Тоа се три месеци кои што имајќи ги во предвид некој ограничувачки фактор како што се распишувањето на локалните избори во летните месеци и каде што администрацијата не е толку активна останува мал период за да може да се адресираат тие најитни прашања, со цел на крајот на изборите да имаме чиста препорака надевајќи се дека Советот ќе ја разгледа таа препорака и ќе дадат за започнување на преговори.

Во подготвувањето, бидејќи јас сум ресорски министер ќе објаснам во детали за тој план на Владата. Во подготвувањето на тој план се црпиме од неколку документи. Првично од Пржинскиот договор и остатокот од мерките кои што ни преостануваат од Пржинскиот договор. Рамковниот договор, секако беше важен дел и од Пржинскиот договор. Потоа, итните реформски приоритети во кои што се вклучени препораките, високиот дијалог со Европската унија, Извештајот на Прибе, препораките од Венецијанската комисија, од Советот на Европа, од ГРЕКО, од ОБСЕ, од ОДИХР. Заклучоците на редовните тела кои што произлегуваат од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, предлогот на итни демократски реформи кој што е подготвен од група на граѓански организации и согласно овие документи ние ги утврдивме темите. Како што се владеење на правото, вклучувајќи ја тука реформата во правосудството, борба против корупција, реформа на разузнавачките служби, реформа на јавната администрација, изборите, Собранието и независните регулаторни тела, медиумите, граѓанското општество. Тоа што Бојан ви го претстави како теми на работните групи. Идејата е подготвување на првичните контури на овој документ, а тоа е вие да бидете вклучени. Вие да бидете вклучени во темелите на тоа што е наш стратешки план за тоа што ние сега го викаме агресивно адресирање на итните реформски приоритети и брза испорака на резултати, со цел да добиеме чиста препорака.

Имаме историски контекст, позитивно политичка клима. Имаме ситуација во која што во наредните три до шест месечни циклуси Европската унија ќе го раководи регионот. Почнува Бугарија од 1 јануари, потоа Австрија и Романија. Тие имаат локален и регионален интерес. Ова е историска можност ние да се фатиме на тој интерес кај овие нови претседавачи на Европската унија, со цел да покажеме дека сме посветени, дека сме сериозни и дека ќе испорачаме резултати за да тие не постават високо на нивната агенда. Паралелно со адресирање на овие реформски приоритети Владата работи на уште еден пат, на уште една траекторија, а тоа е елиминирање на политичките пречки кои што ни претстојат на патот. Затоа беше посетата на премиерот и Делегацијата во Република Бугарија, со цел да се затвори уште едно прашање. Затоа е посветеноста во овој мандат да го завршиме Рамковниот договор како прашање кое што е отворен извор на несогласување веќе 20 години. Со донесувањето на последното парче закон што се однесува на Законот  на јазиците да го затвориме легислативниот дел од Рамковниот договор. Со тоа тргаме две главни пречки од патот и тргаме на уште една сензитивна, се разбира која што бара повеќе време и посветеност.

Да резимирам. Ова е историски момент во кој што мора сите да придонесеме  и индивидуално и групно како организации, меѓутоа и институционално како Влада. Нашето барање е да бидете дел од овој воз кој што е тргнат од Брисел кон НАТО и кон Европската унија за да дадете квалитетен придонес Владата ќе биде посветена сето тоа да го земе во предвид и заедно да бидеме соучесници на тој пат. Тој процес не е само инклузивен во смисла на вклучување на цивилниот сектор, туку и во вклучување на опозицијата. Овој процес не бара ексклузивност. Ние бараме заслугите и успесите да ги поделиме со сите. И со позиција, и со цивилниот сектор и секој индивидуално кој може да придонесе.

Ви посакувам успешна работа во работните групи. Верувам дека ова ќе биде само почеток на нашата сериозна соработка.

 

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -