Пишува: Здравко Савески
Продолжете да мантрате дека треба креирање поволна бизнис клима и продолжете да заборавате на работниците, плаќајте ги најмалку што може, газете ги нивните права и достоинство, па после чудете се зошто 27-годишната посветена работа на создавање поволна бизнис клима ниту го подобри животниот стандард на мнозинството од населението, ниту ја заживеа економијата.
Во Македонија има неколку главни мантри во политиката, кои се повторуваат веќе четврт век и околу кои ниту се размислува ниту пак се проблематизираат. Една од тие мантри е онаа за „поволната бизнис клима“. Во Македонија веќе 27 години, веќе повеќе од четврт век, сите влади, без исклучок, тврдат дека се посветени на креирање т.н. поволна бизнис клима. И не само што се посветени, туку тоа и го прават. На почетокот испродадоа сè што можеа да продадат. Фабриките создадени со народни пари и народна мака беа обезвреднувани и потоа продавани за ситни пари. После дојдоа концесиите, па т.н. јавни-приватни партнерства, па т.н. либерализации (сè убави зборови, како бисери), намалувањето на даноците, намалувањето и кршењето на работничките права… Власта цело време од независноста до денес работи во интерес на крупниот капитал, а, наводно, треба да работи во интерес на народот.
Ќе се согласам, убаво звучи изразот „поволна бизнис клима“. Ќе рече некој, што има лошо во тоа, само ќе помислиш на овој израз и одеднаш се облеваш со топлина. Не си бизнисмен, немаш ниту пет пари, но сепак, те облеваат позитивни чувства кога медиумите ќе те погалат со него. „Нешто ќе капне и за мене“. Ако некоја менталитетска склоност особено нè врзува тука каде што сме, на дното, тоа е оваа. Кој се задоволува со трошки добива – само трошки. Но, нели, што да се прави, не можело поинаку.
Во анализата ќе тргнеме со еден најосновен факт. Поволната бизнис клима е добра за бизнисмените. Но, кои се тие бизнисмени за кои таа е добра, дали таа придонесува за подобрување на животниот стандард и на останатите и дали ги унапредува останатите вредности карактеристични за една модерна организирана заедница?
Т.н. бизнис заедница е ефемерен израз кој наводно ги опфаќа сите „бизнисмени“. И оние најголемите и оние најмалите. Но оние најголемите и оние најмалите воопшто не се слични меѓу себе. Првите не знаат колку пари имаат, а за вторите едвај може да се каже дека имаат пристоен живот. Некои од нив биле отпуштени од работа за време на приватизацијата и, за да обезбедат егзистенција за себе и за своето семејство, отвориле некое дуќанче. И тераат со години со него, некои нешто подобро, некои едвај го одржуваат. Чисто формално гледано, тие напреднале на социјалната скала, имено, од работници станале газди. Реално, овие газди, фактички самовработени лица, потонале надолу и некогаш тие ќе се присетат како животот им бил подобар кога биле само работници, односно пред економската неволја да ги принуди да станат „газди“. Кај овие лица намерно се култивира нивната перцепција дека не се самовработени лица, туку газди, не само да им се обезбеди психолошки механизам полесно да се справат со грдата реалност со која се соочуваат, туку и драстично да се зголеми бројот на припадници на т.н. бизнис заедница. Зашто, вистински капиталисти во Македонија нема многу. И бидејќи не се многу, ако на ваков начин не го прошират својот број, некој ќе се најде да запраша: па зарем цела политика да се води во интерес на грст луѓе?! Дека има вакви и такви припадници на т.н. бизнис заедница сведочи и фактот дека сите вицепремиери за економска политика што биле поставени од т.н. бизнис заедница (Минчо Јорданов, Владимир Пешевски, Кочо Анѓушев) доаѓаат од редовите на оние бизнисмени кои располагаат со огромни финансиски средства, а не од редовите на бизнисмените кои го претставуваат мнозинството од „бизнис заедницата“ и кои, само во најдобар случај, водат пристоен живот. Дека интересите на првите нужно не се поклопуваат со интересите на вторите е свест која намерно не се дозволува да исплива на површина. Иако само првите склучуваат „јавно-приватни партнерства“, добиваат тендери и слично.
Втората работа што ќе ја осветлиме е прашањето дали креирањето и одржувањето на поволната бизнис клима значи подобрување на животниот стандард и на оние што не се бизнисмени. Ако има поволна бизнис клима, тоа значи дека ќе има нови инвестиции, економијата ќе заживее, ќе се отвораат нови работни места и ќе се подобри животниот стандард на сите. Така се тврди. А она што може да го видиме околу нас е дека постојано, сите досегашни влади, работеле на креирањето поволна бизнис клима, а наводните ефекти од тоа ги нема. Мнозинството од населението живее посиромашно од она што живееше пред 10 и 20 години. Зошто е тоа така? Сигурно зашто само декларативно се работело на креирањето поволна бизнис клима. Така гласи дежурниот одговор. И, следствено, треба да се креира уште поповолна бизнис клима. Како на мали деца, сè што ќе побара бизнис заедницата (т.е. нејзините челници) треба да ѝ се даде. Повторно, ова не соодветствува со реалноста. Намалени се работничките права и се дозволува нивно флагрантно кршење во практиката, намалени се даноците, владата на ВМРО-ДПМНЕ отиде дотаму што во „слободните“ економски зони инвестираше народни пари за полесен профит на фирмите… И? Се подобри животниот стандард на мнозинството од населението? Зарем сè може да ни падне на памет само не тоа дека поволната бизнис клима може да доведе само и само до зголемување на профитите на крупниот капитал и прелевање на трошки до останатите?
Околу третата тема. Дали т.н. поволна бизнис клима е вредност сама за себе и дали ги унапредува останатите вредности карактеристични за една модерна организирана заедница? Поволната бизнис клима има еден свој грд синоним: незауздан капитализам. Фактички, тој израз далеку поточно ја отсликува појавата затскриена зад изразот „поволна бизнис клима“. Поволната бизнис клима (незаузданиот капитализам) значи отстранување на пречките што овозможуваат креирање профит. Ако не се почитуваат законите, ако се делат тендери по коруптивна основа, што, меѓу другото, овозможува екстра-профити за ангажираните компании и нивните газди, дали тогаш има или нема поволна бизнис клима? Да, се крши принципот на владеење на правото, но прашањето е дали има или нема поволна бизнис клима? Ако не се плаќа доволно трудот на работниците (за да остане повеќе профит за газдата), ако газдата е помалку врзан со законите да им ги почитува правата, дали тогаш има или нема поволна бизнис клима? Повторно, не е прашањето дали тоа е правилно или не е, туку дали има или нема поволна бизнис клима? Имајте предвид, поволната бизнис клима значи отстранување на пречките што овозможуваат креирање профит. Пречка за остварување профит се и правата на работниците, пречка се и законите. Поволната бизнис клима затоа е незауздан капитализам зашто во својата суштина ништо, ниту хумани ниту цивилизаторски вредности, не дозволува да му застане на патот на остварувањето повисок профит.
Ама, дури и ако ова е точно, ние не се залагаме за ова. Некој ќе прокоментира. Во ред, но ако се тврди дека целта не е поволна бизнис клима по секоја цена, тогаш треба целта да се редефинира, на пример, да се тврди дека целта е поволна бизнис клима во рамките на законот и со почитување на работничките права. Зашто, едноставно, сама по себе поволната бизнис клима тоа не го подразбира.
Уште една тема ќе начнам. Сите досегашни влади, посветени на креирањето поволна бизнис клима, тотално „заборавија“ колку е важно за економијата креирањето поволна работна клима. А неповолната работна клима е една од основните причини за ниската продуктивност на трудот. Работниците се демотивирани на своите работни места. Масовно. И никој не смее да ги обвини за тоа! Недоволно е платен нивниот труд, во приватниот сектор еден работи колку за двајца па и тројца, газдите често им го газат човечкото достоинство, поради вработувањето и унапредувањето на несоодветни кадри поради клиентелистички причини, оние најквалитетните се дестимулираат и престануваат да се вложуваат, сето ова поттикнува иселување на квалитетна работна сила надвор од државата. И? Не чинеле нашите работници? Продолжете да мантрате дека треба креирање поволна бизнис клима и продолжете да заборавате на работниците, плаќајте ги најмалку што може, газете ги нивните права и достоинство, па после чудете се зошто 27-годишната посветена работа на создавање поволна бизнис клима ниту го подобри животниот стандард на мнозинството од населението, ниту ја заживеа економијата.