Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ уште еднаш изрази жалење поради признавањето на нашата земја под нејзиното уставно име- Р. Македонија. Малиот Слобо може да го направи тоа уште стотина пати, за да им се додвори на Грците, бидејќи и покрај тоа што е висок државен функционер, воопшто не се секира за тоа каков ефект имаат неговите испади врз Македонија и воопшто врз стабилноста на Балканот. Историски гледано Белград никогаш не се потресувал, ако Скопје се налути. Од 1944 секогаш било обратно, ако во Белград некој прдне, во Скопје повеќето „авторитети“ се покакуваат (без извинување за изразите). Тоа е типичен однос на колонијална метропола и колонизирана земја и тука нема ништо чудно, бидејќи веќе 73 години Белград е градот што ги влече „конците“, а Македонија е куклата, чиј движења се директно поврзани со истите тие „конци“.
Да му кажам нешто на г-нот Дачиќ за да го смирам и конечно да прекине да жали за одлуката на неговата земја за признавањето на мојата земја.
Не погреши Србија, г-не министер, нашите политичари погрешија и тоа на неколку пати.
Погрешија во 1991 г. кога го организираа референдумот со условена независност. Народот демек гласаше за независност, ама тогашните моќници си оставија едно вратниче, ако случајно на Белград му текне да прави некаква нова Србославија, да можеме без вишок напори да станеме дел од можниот нов хибрид. Наместо стерилен, референдумот можеше да биде далеку поинаков и да донесе реална корист за Македонија, ама нејсе… Да не забораваме дека референдумот не беше организиран од дисиденти кои скапувале по југословенските затвори, туку од високи функционери на СФРЈ верни слуги на Тито и неговата политика.
По референдумот, Р. Македонија наместо да се претвори во дом за сите етникуми кои ја населуваат нејзината територија ја продолжи српската политика во однос на одредени прашања. Беше наметнато мислењето дека за да бидеш добар македонски патриот треба да мразиш. Да ги мразиш Албанците, да ги мразиш Бугарите. Албанците да ги сметаш за недостојни луѓе способни да бидат само овчари, а Бугарите да те асоциират на „лесни жени“ кои би те задоволиле за „две червени“. Тука не погреши Србија, Дачиќу, погрешивме ние.
Македонија требаше по истиот тертип кога се корнеа и штекерите низ македонските касарни, да ги откорне и сите инсталации на КОС и УДБа во земјата. Требаше, ама не го направи и тоа ја удри по глава во 2001 г. кога токму лица поврзани со тие антимакедонски служби, изманипулираа со огромен број на луѓе и ги турнаа Македонците и Албанците во нивниот прв вооружен конфликт во историјата. Никогаш пред тоа Македонци и Албанци не војувале и историски никогаш не биле крвни непријатели.
Во таа 2001, Србија помогна со своите проверени кадри и посматраше како во Јужна бановина, „чокалиите и шиптарите“ си ја леат крвта за нејзиниот интерес. А нејзиниот интерес е јасен… заедничка граница со Грција- другиот балкански бастион на православието според српската доктрина.
Македонија погреши што не расчисти со просрпската политика Дачиќу, ама за среќа на таа политика и се гледа крајот. Вие може и да не ја давате Македонија (како што вели стариот удбаш и другар на Миленко Неделковски- Мирослав Лазански), ама никој нема да ве прашува. Македонија ќе оди по својот евроатлантски пат, бидејќи тоа е од огромно значење за стабилноста на Балканот. Колку и медиуми да ангажирате во Македонија за да ја шират вашата пропаганда, вашите напори ќе бидат залудни. Вашиот вокабулар и разбирање на политиката им припаѓаат на едно друго време. Дачиќу , вие му припаѓате на минатото, вие сте последниот мохиканец на режимот на Милошевиќ и вашите денови како фактор во српската политика се преброени. За вас својот тежок збор ќе го кажат историчарите и од тоа нема бегање.
Македонија оди кон еманципија и конечно пребродување на својот „српски синдром“. Еден ден тоа ќе стане реалност, колку и тоа да не ви одговара вам- пулените на Милошевиќ. Македонија ќе застане на нозе бидејќи младите луѓе кои денеска рушат табуа, утре ќе ги кренат на клоци вашите слуги и ќе бидат свои на своето.
Ние денес го врвиме својот пат „през Голгота към Независима Македония“ и ќе успееме, а вие Дачиќу ориентирајте се кон изведбите на турбофолк хитови низ српските биртии, барем за тоа ве бидува и сте интересен за рајата. Држете ги рацете подалеку од мојата Македонија, бидејќи историјата помни, како многу поголеми ѕверки од вас зажалиле заради своите (зло)дела против мојата земја.
Пишува: Атанас Величков