11.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Попоски: Ние сме за добрососедство со Бугарија, но има и потреба, простор и време за квалитативно подобрување на договорот

Пратеникот Никола Попоски од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи денеска изјави дека за Договорот за добрососедство со Бугарија да добие поддршка од неговата партија во Собранието во него мора да се направат корекции во делот на македонските национални интереси

Овој договор целосно ги исполнува бугарските интереси, и нема дилема кон тоа и ние не треба да имаме негативни чуства кон тоа бидејќи легитимно е бугарската влада да се бори за бугарските интереси. Неопходно е и македонската страна да издејствува споменување на народот, на македонскиот јазик, не релативизирање, и јасно дефинирање на овие аспекти со цел и ние да се чуствуваме поконфорно, истакна Попоски на прес-конференција во Собранието.

Во ниту еден од овие предлози, како што кажа тој, нема нарушување или штета за македонската страна туку има само афирмација и за граѓаните на Република Македонија да се чуствуваат комотно со еден ваков договор.

– Од резултатот од тоа поместување сметам дека ќе може да се заклучи дали договорот ќе добие или нема да добие поддршка, посочи Попоски.

Од самиот почеток на овој процес ВМРО-ДПМНЕ, рече Попоски, цени дека Договорот со Бугарија треба да биде во форма која треба да добие најширока јавна поддршка и оти не смее да биде предмет на дневна политика, пред се, поради чуствата на нашите граѓани и сите оние кои се засегнати.

– Владата има одговорност да издејствува фер договор кој ќе затвара проблем, а не некој кој ќе креира фрустрации на патот кон ЕУ, смета Попоски.

Во однос на заедничките интереси на двете земји значајно, според него, е да се истакне дека членството на двете земји во НАТО и во ЕУ е тоа што не спојува и тоа кон што треба да гледаме.

Во однос на македонските интереси ВМРО-ДПМНЕ инсистира и опстојува на фактот дека треба да стои формулацијата за македонски народ, а да не се случи дека има негово изоставување и дека формулацијата за македонски јазик како уставна категорија не е доволно квалитетна и не соодветствува на вредностите кои треба би можеле да ги застапуваме како европски вредности во 2017 година.

Поранешниот министер за надворешни работи посочи на, како што кажа, француско – германскиот модел на помирување, најчесто споменуван успешен модел на помирување поврзан со европската интеграција.

– Тоа што е значајно да се разграничи во овој контекст е дека Франција и Германија не спорат за историјата, ниту Франција на Германија и ја оспорува посебноста на јазикот или на народот, ниту, пак, обратно Германија и ја оспорува на Франција посебноста на народот и на јазикот. Доколку сме согласни дека ова е моделот на кој се базира европската интеграција тој модел би требало еднакво да се применува и помеѓу денешни земји од кои едната е дел од ЕУ, а за другата Бугарија се обврзала дека ќе ја поддржува да стане член, рече Попоски.

поврзани објави

Последни објави