3.8 C
Skopje
Sunday, November 10, 2024

РАНЛИВО ДПМНЕ ЗА СИЛНО ВМРО

ВМРО ДПМНЕ веќе месец дена преку празни и очајни прес-конференции се обидува да глуми опозиција загрижена за проблемите на граѓаните. Речиси секојдневно слушаме како премиерот, министрите и функционерите на новата Влада вршат чистки и брутална партизација на државните институции. Дали ова вака ќе излезе на крајот или не, ќе покаже времето. Се надевам дека новиот премиер ќе научи од грешките на своите претходници кои токму поради таквиот начин на владеење денес се наоѓаат во една ранлива состојба од која, доколку не направат крупни внатрепартиски реформи, тешко ќе се извлечат.

Реформаторите во ВМРО-ДПМНЕ за кои на почетокот бев скептичен, испратија силни и недвосмислени пораки за кои што сметам дека треба да ги зачестат во следниот период со една уште пожестока реторика. Во една таква состојба, потребно е да се изврши внатрепартиски притисок и да се укаже дека партијата не е нечија сопственост, туку таа е на сите членови кои од 90-тите останале во неа и работеле за нејзин напредок. Оттука, оние кои се залепиле за фотелјите и кои мислат дека од нив ќе ги раздели само смртта треба да знаат дека некогаш и покрај тежината на одлуките, за доброто на партијата (доколку како што велат – таа им е пред се) треба да си поднесат оставки и да си заминат. За волја на вистината, ова го направи единствено Сашо Мијалков – екс директорот на УБК, чиј што потег, реформаторите го и поздравија. Слична порака дека се потребни промени во партијата упати и довчерашниот генерален секретар Емил Димитриев кој порача дека е време некои функционери да одморат и да ги напуштат партиските функции, за веднаш потоа да биде разрешен од ИК на ВМРО-ДПМНЕ, но и од функцијата Генерален секретар на партијата. На негово место, во тимот влезе Богдан Илиевски, човекот кој ги организираше протестите на За Заедничка Македонија, а кој постојано тврдеше дека не е член на ниту една политичка партија. Ова само покажува колку ВМРО-ДПМНЕ, од партија полна со кадри со капацитет, стана партија ограничена само за послушниците на Никола.

Несомнено, партијата со еден ваков тим, со сиот реформаторски капацитет кој го имаат а не сакаат да го искористат, нема да може да извојува победа над СДСМ на локалните избори. Напротив.  Доколку партијата која ги носи четирите свети букви В М Р О не се реформира за краток период, доколку не расчисти со комуњарските профитери кои некогаш служеа како инвентар во кабинетот на Бранко Црвенковски, доколку не се обиде да се смири со своите браќа и сестри од другите десничарски политички партии со предзнак ВМРО во своето име, доколку не расчисти со партии како Титови Леви сили и Социјалистите на Ѕинго, тогаш тешко можеме да кажеме дека ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе биде силна политичка партија која би можела според зборовите на лидерот Никола, брзо да се врати на власт. Вистинските Вмровци во ВМРО-ДПМНЕ треба будно да ги следат процесите и активностите на врвот на партијата и соодветно да реагираат, но и истовремено да апелираат за окрупнување на десницата.

 

Пишува: Марио Милчевски

поврзани објави

Последни објави