-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Од „Трето полувреме“ до Јаворов

Кога еден идентитет па бил тој и „милениумски“, каков што е македонскиот, според ликови како Тодор Петров, Александар Донски, Ниче Македон и Дардан Венетски се „расклати“ заради еден договор за добрососедство… да му се плукнам.

Другари и другарки (како што вели еден новопечен ВМРОвец од оние тврдокорнине) дајте малку посериозно! Јас знам дека си ја терате политичката агенда и ве разбирам до одреден степен, ама имајте малку усул.

Синоќа на МТВ го пуштиле ремек делото на Дарко Митревски. Со цел некој некому да каже „не ви забораваме “. Фашисти сте!!! Страшно е кога еден филм наместо во уметничко дело се претвори во евтина пропаганда за многу пари. Страшно е кога истиот тој филм не се користи за да раскаже некаква поучна приказна, туку неговата улога е да трови со омраза, стереотипи и предрасуди. Тајмингот е повеќе од погоден, а имено неколку часа пред да се потпише тој фамозен договор за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Тоа во суштина е најмалиот проблем. Филмот е со квалитети за кои може многу да се дебатира, но примерот е прекрасен за мојата поента.

Губите тло под нозете! Се плашите од минатото и не сакате да ни да погледнете кон иднината. Тоа е страшното. Во борбата, што очајнички ја водите за да продолжите да живеете во вашите митови и легенди, веќе не ни ги бирате средствата. Се однесувате како напалени тинејџери на кои им е кажано дека до 11 часот, мораат да се вратат дома. Кога ќе го поминете вашиот пубертет тоа е прашањето? Кога ќе започнете да гледате на работите малку потрезвено? Ако ме прашате мене одговорот е… никогаш!!!

Сѐ додека се преклонувате пред „спуштените од горе“ лажни херои и создавате свои сопствени, исто така лажни идоли, нема да ви успее, вашиот „патриотизам“ да го облечете во алишта, кои навистина му одговараат.

Јас сум бил дел од целата таа хистерија. Сум верувал во сите лаги и манипулации во кои верувате сега вие. Отпорот кај мене, кога дел по дел ја откривав вистината за Македонија беше огромен и страшен. Денес јас сум слободен човек, Македонец. Горд сум со моите предци, кои не се плашеле да се исправат против цела една империја (па макар истата во тој период веќе и да одела кон својот крај). Тие знаеле, кои се што се и за што се борат. Знам дека е страшно да се читаат нивните спомени во оригинал, ама тоа не е ни ваша работа. Со тоа се бават историчарите.

Ваша работа е да се смирите. Никој нема да ви дојде дома со токмак и да ве тера да се попишувате како Бугари (ако некогаш дојдеме до попис). Токмакот го користат други и тие истите денес се на голема почит. Убави се за контраст, затоа и ги спомнувам.

Убаво е тоа што ќе се потпише договорот, бидејќи омразата треба да се дефинира јасно и да се сузбие.

Вие можеби и не сте чули за Пејо Јаворов. Сте немале можност да чуете за него, сардисани од редовното бомбардирање со српски турбофолк, турски серии и небулозни митови и легенди од антиката. Истиот тој Пејо Јаворов треба да се најде во македонските учебници и да знаат нашите наследници дека Македонија имала и синови кои не се родени во нејзината убавина, но со својата подготвеност за саможртва и душа полна со љубов стојат високо во пантеонот на македонските великани.

Намерно го започнав овој напис со „фраерската фора“ на некој батка од МТВ синоќа повторно да ја заврти веќе излитената евтино прикажана приказна во „Трето полувреме“, а сега сакам да го завршам истиов напис со Јаворов. Сакам да ви ги претставам голата омраза и чистата љубов.

Љубовта секогаш победува драги мои, упатени, неупатени и веќе тотално изгубени Македонци. Љубовта победува бидејќи таа не се воведува со одлуки и не е ограничена во сувите текстови на законите. Таа гори како Јаворов и продира до секој што сака да и се наслади. Слободни сте да одлучите, по кој пат да фатите, тоа никој не може и не смее да ви го забрани.

Пишува: Атанас Величков

поврзани објави

Последни објави