7.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Груевски до Борисов: Сакавме да се потпише договор во кој нема да има победник и поразен

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски оствари средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов. Соговорниците разговараа за односите помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, при што беше истакната заедничката посветеност за унапредување на добрососедските односи во сферите од заеднички интерес, и интеграцијата на земјава во Европската Унија и во НАТО.

„Груевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е за продлабочување на  пријателството помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, економски развој и подобра соработка помеѓу македонскиот и бугарскиот народ. Во однос на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, претседателот Груевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ во однос на оваа тема има принципиелни, долгогодишни и аргументирани ставови чија основна идеја беше постигнување на договор во кој нема да има чувство на победник и поразен и кој ќе ја реализира идејата за вистинско и рамноправно пријателство и соработка помеѓу двете држави и народи. Тој го извести својот соговорник дека согласно ставот на Централниот комитет на партијата, ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка на договорот кој го потпиша марионетската влада на Зоран Заев, а за кој ВМРО-ДПМНЕ имаше конструктивни и суштински забелешки и предлози за негово подобрување“, се вели во партиското соопштение.

Двете страни ја истакнале значајноста и потребата од што побрза интеграција на Република Македонија во НАТО и во ЕУ, како приоритет кој ќе обезбеди трајна стабилизација на регионот и ќе обезбеди услови за дополнителен економски развој на истиот. Соговорниците разговарале и за соработката во областа на Европската народна партија, каде што членуваат и двете партии ВМРО-ДПМНЕ И ГЕРБ.

поврзани објави

Последни објави