18.8 C
Skopje
Tuesday, April 22, 2025

Меѓународниот ден на младите одбележан со меморандум за соработка помеѓу НМС и АМС

Со отворен настан во Градскиот парк во Скопје, на 12 август, младите го одбележаа Меѓународниот ден на младите. Настанот го организираа Агенцијата за млади и спорт заедно со Национален младински совет на Македонија. Дебатата на овој настан беше посветена на Младинската гаранција како една од приоритетните мерки на Владата. Меѓудругото, настанот имаше и дел каде преку интерактивна дискусија, присутните имаа можност да постават прашања и да даваат предлози и идеи. Но еден ден на млади не би бил целосен доколку не биде завршен со дружење, забава и музика.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, ја претстави младинската гаранција како една успешна европска практика што се применува во западно европските земји и додаде „ќе ги земеме позитивните примери се со цел да ја примениме и успешно да ја спроведеме во Република Македонија а тоа значи дека на младите ќе им понудиме вработување, доедукација и пракса“. Покрај младинската гаранција, Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска ги спомена направените интервенции што ќе помогнат во активирањето на младите и нивно останување во државата.

„Но, не само да останат во државата туку и да го дадат максимумот преку својот ентузијазам, своето знаење, да ова општество стане подобро за живеење за сите“ потенцираше Царовска. На потребата од соработка помеѓу сите засегнати страни кои учествуваат во донесувањето на младински политики се осврна пратеникот Стефан Богоев.

„Меѓутоа, тоа не значи дека треба да ги носиме сите одлуки и сите решенија чисто по наше цврсто убедување без притоа редовно да се консултираме со вас, оние кои што ги претставуваме во Собранието“, рече Богоев. Претседателот на НМСМ, Блажен Малески во својот говор се осврна на проблемите кои ги имаат младите во државата и потенцираше дека „младинската гаранција за прв пат во Република македонија нуди една платформа каде што мерките нема да останат сами, односно нема да бидат од денеска за утре промовирани и од денеска за утре да завршат.“

Дополнителна вредност на овој ден на младите имаше и потпишувањето на меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за млади и спорт и Националниот младински совет на Македонија, како најголемо претставничко тело на младите и младинските организации во Република Македонија. Ваквата соработка се очекува да донесе поголема вклученост на младите и младинските организации во процесот на креирање политики и донесување одлуки.

По завршување на дебатата беа доделени благодарници на младите научници и нивните ментори кои освоија бронзени медали на меѓународните олимпијади по физика, математика, хемија и информатика.

поврзани објави

Последни објави