-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Македонската десница може (треба) да се исправи на своите нозе

 Јас како еден скромен припадник на десницата, или да се изразам поправилно симпатизер на десничарската идеја (бидејќи не сум член на ниедна политичка партија) се по често си го поставувам прашањето што ќе се случи со изворната конзервативна идеја во Македонија. Без да навлегувам во поголеми филозофирања мислам дека е време да се случат одредени промени кај сите партии со десничарски предзнак и идеологија.

Сега кога најголемата десничарска партија (барем на хартија) во Македонија ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција, а останатите партии со вмровски предзнак никогаш не ни биле во власта, според мене е најпогодниот момент да се размисли за некаков вид на проветрување, да не речам некаков потежок збор како например реформи. Дали партиите десно од центарот имаат стратегија, со која да и пружаат отпор на левичарската партија која во моментов ја има власта во Македонија. Со сета почит, кон политичките чинители, ама за едно нешто сум апсолутно сигурен- инаетот не е стратегија. Треба да бидат преземени одредени политички чекори и некои суети да бидат смирени до подносливи размери.

Сликата во моментот не е баш розева. Во нашиот десен дел од македонскиот политички пекол, речиси секој со секого е испокаран или пак се наоѓа во некаква блага варијанта на „ладна војна“. Дел од политичките играчи, кои делуваа како десна опозиција на ВМРО-ДПМНЕ, ја прифатија понудата за еден танц со СДСМ и веќе се наоѓаат во директна колаборација со Заев и неговата екипа. Што и не е за осуда, ако сме запознати со историјатот на проблемите во македонската десница и сета омраза и валкани игри на кои сите што сме заинтересирани станавме сведоци. Прашањето е што ќе прават тие кои останаа надвор од големата игра?! Едните се навикнати да бидат во опозиција (ВМРО-НП), а другите прво треба да се средат од шокот што го доживеа по 11 години на власт, па потоа да се вратат на своите идеолошки темели и дури тогаш да бидат квалитетна опозиција, која ќе се бори со идеи и предлози, а не со „плашење на мали деца“ со мигранти, Албанци, Бугари и тн. Спин кампаниите се одлично решение, ама тие немаат реална тежина, откако државната машина ќе заработи на полн тек. Во моментот во кој луѓето ќе се осетат зависни од човекот со морковот, ќе станат имуни на „стравот“ од сите можни !„катаклизми“, за кои предупредува најголемата опозициона партија.

Во основата на преродбата на македонската десница стои „освежувањето“. Додека во ВМРО-ДПМНЕ има некаков обид за реформа, колку искрен а колку контролиран само времето ќе покаже, некако како ВМРО-НП да е заспана иако има шанса да се врати во играта. За помалата од двете вмровски партии од огромно значење е внесувањето на нови лица, кои со себе ќе донесат чисто конзервативни идеи и имаат визија за европскиот развој на Македонија. Време е македонската десница да се подготви за едно маратонско трчање со цел да се врати таму каде што и доликува.

Основната задача и пред двете партии со ВМРО во своите имиња е да предложат идеи и проекти за тоа како ја замислуваат иднината на Македонија. Две работи се повеќе од јасни, реформите и оставањето на левиот популизам од страна на поголемата партија се задолжителни. Тоа е така бидејќи не можеш да тврдиш дека си десничарска партија и да воведуваш леви популистички мерки за добивање на гласови, како бесплатен јавен превоз за пензионери или пак бесплатни бањи, пак за пензионери. Ништо не е бесплатно, секое едно нешто се плака, тоа го знае секој еден просечен десничар.

Ако двете партии со вмровски предзнак се подготвени да навлезат во еден нов стадиум од своето постоење, мислам дека позитивните резултати нема да задоцнат. Кој прв ќе ја направи реформата и подмладувањето со нови лица ќе трча едни гради понапред во трката за десните гласови во земјата. Лидерите на двете партии добро треба да размислат за својата иднина во политиката и сега е моментот да го покажат своето визионерство и лидерство.

Можеби сум преголем оптимист, но како десничар не смеам да ја прифатам моменталната ситуација, бидејќи јас имам потреба од опција, што ќе ги застапува моите интереси и интересите на мојата земја. Знам дека звучи ептен романтично, но сум сигурен дека десницата во Македонија се уште не го кажала својот последен збор и ќе најде начин да се исправи на нозе, бидејќи тоа им го должи на сите кои помогнаа да се сруши комунизмот и Македонија да тргне по својот нов пат.

Пишува: Зоран Стојановски

РЕДАКЦИЈАТА НА ПОРТАЛОТ ПОГЛЕД СЕ ОГРАДУВА ОД ИЗНЕСЕНИТЕ СТАВОВИ ОБЈАВЕНИ ВО КОЛУМНАТА.

поврзани објави

Последни објави