Никола Попоски, министерот за надворешни работи, денеска реагираше на изјавата на албанскиот министер за надворешни, Дитмир Бушати, кој во едно свое излагање ги именуваше Македонците како славо-Македонци.
„Не е добро политичари од регионот да влечат чекори за потреби на претстојни избори. Целта е да создадат слика дека раководат со сите политички партии со етнички предзнак во регионот. Разбирливо е дека тоа се прави и за внатрешна употреба и за сопствениот рејтинг дома. Но, сепак, овие практики се надвор од нормална меѓусоседска соработка. Најдобро е пред секој обид за демонстрирање на глобално лидерство, секој добро да погледне во сопствениот двор. Така, политичарите и во тие земји ќе се фокусираат на подобрување на домашните слабости.
Проблемите со правниот систем, борбата со криминалот и корупцијата, основните човекови права и слободи се дел од оние што се идентификувани од Европската комисија кај нашиот сосед, а и на други места. Објективно, сите ние имаме повеќе од доволно домашни проблеми за да се занимаваме со туѓите. Секако, претходниве точки треба да се приоритет пред еден политичар да се впушти и во идејни толкувања на уставот на соседна земја. Не верувам дека ова е приоритет за даночните обврзници во неговата земја, особено при толку нерешени прашања дома.
Кој како именува некого е веројатно и одраз на почит и воспитување. Ние сме Македонци и ништо повеќе ниту ништо помалку. Ниту еден демократ не би имал потреба групно или племенски да етикетира. Денес, во Европа е потребен речник и култура за 2017 година, а не за 1913 година“, гласи реакцијата на Попоски.