Новата Владата ги заврши првите три месеци од своето работење. Веќе започнавме со економските мерки. До Собранието ги поднесовме законите за минимална плата, за стчајците, ја воведовме дневната тарифа за струја, а институциите веќе ги отворија постапките за скратување за одредени процедури за намалување на трошоците.
Ова го истакна премиерот Зоран Заев денеска во Велес при што потенцира дека сите ресурси на државата ќе бидат насочени кон враќање на парите кон граѓаните и намалување на трошоците за живот на секое семејство во Македонија..
– Македонија трасираше добри перспективи кон ЕУ и НАТО. Тоа го препознаваат сите граѓани, но тоа нема да го почувствуваат веднаш. Затоа главниот фокус на Владата ќе биде на економските перспективи и јас ја барам поддршката на граѓаните заедно со Владата и новите општини по локалните избори Македонија да има подобра економија и да се стави крај на сиромаштијата во земјава. Велес е најтипичен град во земјава на заминување на младите прво во Скопје, но за жал и надвор од државата и јас сум убеден дека сите млади што заминале и сите што се овде, а се без работа гладаат добри перспективи овде во својата земја. Тоа е главната задача на новата Влада во Р.Македонија, рече Заев.
Според него радува што надежта се враќа кај луѓето.
– Веројатно, потенцира, новата политичка клима ја враќа нивната надеж дека се враќа и економската перспектива во Македонија.Трговците очекуваат народот да има повеќе пари,а граѓаните кои се потрошувачи по дуќаните очекуваат навистина да има работа за младите, да има намалување на трошоците и да се враќаат парите кај граѓаните. Тоа е филозофијата на економската перспектива на Македонија, изјави премиерот.