fbpx
11.8 C
Skopje

Пораките од Франција едногласни: Слатка победа, но не смееме да „летаме“

АКТУЕЛНО

Македонија го победи Тунис со 34:30 и речиси сигурно обезбеди најмалку осминафинале на Светското првенство во Франција. Нашите момци имаа негатива, но се вратија во последните 15. минути од натпреварот и остварија важна победа.

„За мене ова е една навистина слатка победа. Знаеме што ни одзеде Тунис во април. Губевме долго време, но не се предадовме, успеавме да се вратиме и да победиме“, изјави Миркуловски по победата.

Тимот не смее да влезе во еуфорија, бидејќи сето ова е само почеток на Мундијалот, кој допрва би требало да ни донесе многу радости.

„Ракометарите се хероите, затоа капата долу за нив, поради начинот на кој го одиграа целиот меч. Победата е голема и слатка, но не смее да има еуфорија. Пред мечот знаев дека натпреварот ќе биде многу тежок. Тоа и се обвистини. Презадоволен сум од моите ракометари. Игравме сите за еден и затоа сум им благодарен. Во првото полувреме игравме добро, но на почетокот од вториот дел дојде до пад во концентрацијата. Сепак, севкупно гледано, нашиот напад „седум на шест“ беше одличен. Ќе беше вистинска штета ако не победевме, по сето она што го одработивме на тренинзите во подготвителниот период“, потенцираше Червар.

Еден од хероите на оваа средба секако беше и голманот Благојче Трајковски, кој влезе во игра и во серија од неколку одбрани го најави пресвртот на нашата селекција.

„Секој збор на Червар за нас новајлиите е благодет. Секогаш ни дава поддршка, а неговите зборови многу значат. Имавме притисок, особено дебитантите, но како што средбата одминуваше се опуштавме и бевме се подобри“, изјави Трајковски.

Задоволен од пресвртот и победата беше и капитенот Кирил Лазаров, кој истакна дека денот го поминал во дружба со дебитантите, обидувајќи се што е можно повеќе да го намали притисокот врз нив.

„Не ми се допаѓа играта која ја имавме во првиот дел. Најважно е што го скршивме мразот, ги освоивме тие два бода. Сега треба да се одмориме добро, победивме една добра репрезентација, нема да ја потцениме Ангола, нивниот резултат со Словенија залажува. Мора да го добиеме тој натпревар но и да добиеме други играчи во ростерот кои ќе ни помогнат во следните натпревари“, изјави Лазаров.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -