Почитувани членови и симпатизери на ВМРО Народна Партија,
Јас како Претседател на ОK на ВМРО НП во Делчево чувствувам одговорност да објаснам зошто ОК на ВМРО НП во Делчево одлучи да учевствува на овие локални избори во коалиција со ВМРО ДПМНЕ. Да почнам со ред, во изминатиот период ВМРО НП како политичка партија помина низ многу премрежја, се соочивме со разни предизвици, но останавме доследни и лојални почитувачи на делото на Љубчо Георгиевски. ВМРО НП на претходните локални избори беше во коалиција со СДСМ и имавме заедничка листа на која ВМРО НП имаше две добитни места и едно не добитно. Не знам што во меѓувреме се смени освен што ние како партија достојно си ја испочитувавме коалицијата во која само бенефиции имаа СДСМ. Тоа го поткрепувам со фактот што дека на последните парламентарни избори не бевме во никаква коалиција и договор со СДСМ, туку настапивме заедно со ОМ и Достоинство како трет политички блок – ВМРО за Македонија. После изборите почнаа прегрупирањата за локални избори и како благодарност од СДСМ ни беше доставена понуда од едно советничко место (д(добитно) и НИШТО друго, нагласувам НИШТО друго, со образложение дека имало многу политички партии кои ги следувало добитно советничко место (ДОМ, ДС и др.) кои до вчера беа во коалиција со ВМРО ДПМНЕ, а за кои не верувам дека во Делчево имаат некое сериозно членство кое може да им помогне за локалните избори. Сето ова беше поткрепено со изговорот дека одлуката е донесена во централните преговори со СДСМ и ВМРО НП на што и ние така оскудната понуда ја прифативме. По одлуката на ИК на ВМРО НП и незадоволството од понудата на СДСМ и неколку месечното тапкање по рамо од страна на нивните преговарачи, секој ОК на ВМРО НП имаше слобода сам да одлучи со кого ќе коалицира, што за нас беше доволен показател, зошто да преговараме со истиот политички субјект со кого централата не можела да се договори. Уште истиот ден ни јавија од ВМРО ДПМНЕ и ние како посебен политички субјект добивме понуда која за нашата партија, за членовите на НП е 10 пати поприфатлива а таа содржеше едно советничко место и сите други вработувања да бидат договорени пропорционално според гласачкото тело на партијата во нашиот град. После постигнувањето на договорот со ВМРО ДПМНЕ почнаа шурувањата или пазарењата со поедини членови или поточно симпатизери кои добар дел од нив и во времето на владеењето на ВМРО ДПМНЕ добро профитираа (ако треба и поединечно ќе ги опишам), а кои истовремено со сите сили сакаа да го раскинеме договорот со ВМРО ДПМНЕ. Во исто време тие четири, пет луѓе (севкупно од 1300 гласачи на партијата) сакаат да ни ја потценат интелигенцијата и сакаат да не убедат дека ние не знаеме што е тоа власт и дека евентуална коалиција со ВМРО ДПМНЕ ќе ни направела не знам каква штета.
За да им појасниме на нив и на сите наши членови и симпатизери одлучивме да им ставиме до знаење на сите политички субјекти во Општина Делчево дека:
– ВМРО НП единствено се поведува по начелата на историското ВМРО и е посебен политички субјект кој единствено ќе ја почитува одлуката на ИК на ВМРО НП и нашиот лидер Љубчо Георгиевски. ВМРО НП не е партија во која можат да се подкусуруваат и пазар поединци туку партија која 16 години е во опозиција и до ден денешен опстојува сама и така ќе биде и во иднина се до друга конечна одлука на раководството и на претседателот Љубчо Георгиевски. ВМРО НП ниту се плашела од претходната а не се плаши ниту од сегашната власт бидејќи на свој грб многу добро ги почувствувала и двата политички субјекти кои досега биле на власт и нивните злоупотреби и методи на владеење. Користејќи ја оваа прилика сакам да упатам порака и до нашите довчерашни коалициони партнери дека ЖИВОТОТ требаше да дојде за сите, а не за поединци. Како Вие, ќе им објасните на членовите на ВМРО НП од кои очекувате гласови дека вашата партија четири месеци наназад го потценила нивниот глас? СДСМ цели четири месеци не тапка по рамо и води преговори преку вибер комуникација (а не на маса како што водат зрели политички партии) се со цел на крај да излезат со една крајно потценувачка понуда на ниво на држава за нашата партија и нашите членови. Затоа упатувам јасна порака: Немојте да се обидувате да се мешате во одлуките на туѓите политички партии или да се повикувате на нивното членство!
ЗА КРАЈ: Се додека лидер на ВМРО НП е Љубчо Георгиевски големите душегрижници за ВМРО НП воопшто да не се грижат за нашата партија и нашите членови, таа ќе опстои а многу бргу ќе дојде денот и кога повторно ќе се види нејзината сила, сила која ќе се покаже на лист хартија, сила која ќе се покаже со пенкало.
ДА ЖИВЕЕ ТАТКОТО НА ВМРО ВО МАКЕДОНИЈА ЉУБЧО ГЕОРГИЕВСКИ, ДА ЖИВЕЕ В М Р О !!!