Предизборно „чистење“ на „политички играчи надвор од контролата на Федералната служба за безбедност (ФСБ)“. Така рускиот опозиционен весник „Новая газета“ ги нарече вчерашните претреси во канцелариите на политичкото движење “Отворена Русија” и во домовите на неговите членови.
Со тоа ФСБ де факто ја покажува својата „лојалност“ пред изборите за шеф на државата во март и истовремено демонстрира сила – пред своите евентуални “клиенти” кои исто така може да станат објект на претрес и пред своите конкуренти, какви според весникот можеби се наоѓаат во руската претседателска администрација.
Руските тајни служби „го преземаат управувањето на политичките процеси во земјата“, алармира „Новая газета“.
Притисокот врз политички активисти има за цел да му покаже на Кремљ дека тајните служби ги решаваат проблемите поефикасно и токму тие треба да го имаат последниот збор за решавањето на одредени политички прашања, објаснува весникот.
Во истиот стил деновиве беше спроведен и административниот притвор на опозиционерот Алексеј Навални и на шефот на неговиот штаб во пресрет на подготвуваниот протест во Санкт Петербург, посочува весникот.
Судската пресуда против Навални за финансиски малверзации, која според него е политички мотивирана, му го затвора патот кон изборите напролет. Навални сепак се појави за време на своите предизборни собири во Москва и Санкт Петербург – родниот град на Владимир Путин, во саботата, кога претседателот славеше роденден.
„Новая газета“ ја поврзува со ФСБ со започнатата промена на елитите во руската провинција, каде се именуваат нови гувернери, откако тројца шефови на региони беа уапсени.
Во московската централа на ФСБ формално сеуште нема посебен политички оддел, но влијанието на „цивилните агенти“ врз политичките одлуки се чувствува се повеќе и продолжува да расте, констатира „Новая газета“.
Тајните служби во Русија можаг да добијат директна контрола врз изборната кампања, претворајќи ја претседателската администрација во „изведувач“ на своите одлуки, додава опозициониот весник.