Русија и Кина побараа воздржаност околу севернокорејската криза откако американскиот претседател Доналд Трамп за време на викендот кажа дека „само едно нешто би било ефикасно“ против Пјонгјанг, сугерирајќи со тоа на воена акција.
„Москва ги повикуваше и понатаму ги повикува сите страни вклучени во конфликтот и сите оние кои се поврзани да бидат воздржани и да избегнуваат какви било потези со кои само би се влошила ситуацијата“, кажа портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков за коментарите на Трамп.
Портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи Хуа Чунјинг во Пекинг го повтори повикот до сите страни да бидат воздржани, а целата ситуација ја нарече екстремно сложена и сериозна.
Кина се надева дека ниедна страна нема да преземе чекори кои ќе ја иритираат другата страна или ќе го влошат проблемот, и дека сакаат сите да зборуваат и дејствуваат внимателно, порача Чунјинг.
Трамп неколку пати го повтори своето противење на дијалог со Северна Кореја. Минатата недела ја отфрли идејата како губење време, еден ден откако американскиот државен секретар Рекс Тилерсон откри дека Вашингтон има отворени комуникациски канали со владата на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун.
Извор: МКД.мк