Триесет и осум доктори на науки и 863 магистри сè уште се во потрага по работа во земјата, каде што, според последните статистички податоци, стапката на невработеност е 22,6 отсто. Покрај овие високообразовани кадри, во Агенцијата за вработување се евидентирани 96.728 невработени лица, на кои им се нудат приближно осум илјади работни места огласени преку оваа институција.
Меѓу оние што бараат работа, повеќето се без образование – 41.884 лица, 28.043 се со завршено средно, а работа бараат и 12.054 лица што завршиле факултет.
Од понудата на работни места најмногу се во трговијата на мало и големо, па во преработувачката индустрија и градежништвото. Работодавците најмногу бараат продавачи, хигиеничари на станбен и деловен простор, шивачи и келнери.
Како најголем, Скопскиот Регион нуди и најголем број слободни работни места – повеќе од половината. Следуваат Тетово, Штип, Битола и Куманово.
Стапката на невработеност од 22,6 отсто укажува на тоа дека Македонија сè уште има мошне висока невработеност, а се смета дека, меѓу другото, една од причините е и неусогласеноста меѓу образовниот систем и потребите на пазарот на трудот, која е присутна подолго време.
Повеќе за ова на МАКФАКС