Турскиот министер за енергетика Берат Албајрак, (зет на претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган), и неговиот брат Серхат Албајрак се вмешани во истражувањето за „Рајските документи“, објави турскиот весник „Џумхуриет“ во текст под наслов „Офшорни браќа“. Во времето кога браќата Албајрак раководеле со турската компанија „Чалак холдинг“, отвориле многу оф шор компании поврзани со холдингот. Во податоците што ги објави Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ) се наведува дека Серхат Албајрак бил поврзан со малтешката компанија „Фрокс Интернешнал Трејдинг“, основана во јануари 2003 година. Компанијата била активна до септември 2009 година. Во тој период Серхат Албајрак бил генерален директор на „Чалак холдинг“ до 2007 година, а потоа функцијата ја презел неговиот брат Берат.