13.8 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

Буџетот за 2018 година на владина седница

Подготвениот предлог буџет за 2018 година од страна на Министерството за финансии, денеска ќе биде на дневен ред на седница на Владата која е закажана за доцна попладнево.

Предлогот буџетот за 2018 година е проектиран на 211,7 милијарди денари или 3,44 милијарди евра. Приходите се планирани на 193,5 милијарди, а буџетскиот дефицит на 18,2 милијарди денари или 2,7 проценти од БДП. За капитални расходи се предвидени 24,7 милијарди денари, а во предложениот буџет има средства и за повисоки плати во образованието, здравството, како и за зголемување на пензиите, односно нивно усогласување со трошоците на живот.

Најголем дел од расходите се наменети за пензии, социјална и детска заштита со 32 отсто од вкупните расходи, 19 процнети се наменети за економски развој и финансиски работи, 14 отсто за здравство, 11 проценти за образование, наука и спорт, по пет проценти за градежништво, транспорт, комуникација и екологија, земјоделство и јавен ред и безбедност, три проценти за одбрана, по два отсто за надворешни работи и ЕУ интеграција и култура, и по еден отсто за судство и регионален развој.

Платите се проектирани на 27,1 милијарди денари и има раст од 460 милиони денари заради повисоките плати за сите припадници на АРМ, нови вработувања во детските градинки, како и зголемувањето на платите во здравството, образованието и во градинките за пет проценти кое е планирано со септемвриската плата во 2018 година.

Кај капиталните расходи е планиран раст од 1,3 милијарди денари повеќе во однос на ребалансот од 2017 година. Министерот рече дека е планирано интезивирање на сите активности на патната и железничката инфраструктура, комуналната и енергетската инфраструктура, инвестиции во здравството, образованието и детската заштита, а особено се зголемени средствата за одбрана и гасификација.

За стоки и услуги се предвидени 17,2 милијарди денари и тие се пониски за 420 милиони денари односно за 2,4 проценти во однос на проектираното за 2017 година.

Со Предлог-буџетот за 2018 година се предвидува зголемување на акцизата за нафтата за три денари од што очекуваниот ефект ќе изнесува 1,6 милијарди денари, а од ДДВ-то 350 милиони денари и со тоа ќе има дополнителни приходи за Јавното претпријатие за државни патишта.

Предлог-буџетот за наредната година првпат од осамостојувањето е претставен во јавноста пред да биде испратен на усвојување во Владата а потоа и до Собранието. Беше организирана и јавна дебата со премиерот Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевдовски и експерти, а беа поканети и претставници од опозицијата кои одлучија да не учествуваат. Предлог-буџетот беше претставен и пред синдикатите, стопанските комори и невладиниот сектор.

поврзани објави

Последни објави