“Ова е нешто исклучително позитивно и би рекол дека писмото на Македонската архиепископија е револуционерен потег. Во овој исклучително поволен политички момент меѓу двете земји тоа ќе биде многу добар сигнал. Се надевам нашиот Синод да одговори позитивно и да им подаде рака на нашите браќа”, изјави европратеникот од ГЕРБ, Андреј Ковачев по повод писмото на македонската црква, дека е подготвена да ја признае БПЦ за црква-мајка, ако БПЦ ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА. Според него, “не треба да се води сметка за другите”. “Сепак станува збор за нашите браќа. Би требало да го гледаме нашиот интерес. Не гледам зошто некој треба да се чувствува погоден од оваа ситуација. Писмото е голем знак и единствена можност во овој поволен политички момент да ја прифатиме подадената рака од Македонија. Се разбира , тука изразувам лично мислење, решението е на Синодот “, вели уште Андреј Ковачев за бугарскиот весник „Монитор“.