Израел одржува тајни врски со голем број арапски земји, но не ги именува, бидејќи тоа е нивната желба, изјави израелскиот министер за енергетика Јувал Стејниц, цитиран од агенцијата “Франс прес”. Според Ројтерс, една од овие земји е Саудиска Арабија, а причината за овие тајни врски е општа загриженост во врска со Иран.
“Имаме врски, некои тајни со голем број арапски и муслимански земји и обично ние сме земја која не се срами од тоа”, рече Стејниц во одговор на прашањето дали Израел ги крие врските со Ријад. “Другата страна има интерес да ја чува тајната. За нас обично нема проблем, но ги почитуваме желбите на спротивната страна, кога односите се во развој, без разлика дали станува збор за Саудиска Арабија, други арапски или муслимански држави.” Тој ова го изјави неколку дена откако началникот на израелскиот Генералштаб даде интервју за информативниот сајт “Елаф”, основан од саудиски бизнисмен во Велика Британија. Ова ги разгоре шпекулациите за приближување меѓу еврејската држава и Саудиска Арабија против нивниот заеднички непријател Иран, посочува АФП.
Израел одржува тајни контакти со голем број арапски и муслимански земји
