fbpx
16.8 C
Skopje

Кога даваат пасоши Бугарите НЕ се окупатори!!!

АКТУЕЛНО

Таткото се лупа во гради, дека неговиот татко херојски се борел против БУГАРСКИОТ фашистички окупатор. Во истото време внукот на херојот од отпорот против фашистите нели, работи во „белиот“ свет, со европски пасош на кој пишува „Република България“. Нема логика нели? Или пак има.

Секој се спасува како што може. Едни лепат плакати за да се вработат на „државно“, втори прават „мучки“ и вртат некоја пара, трети „фаќаат магла“, а четврти работат „ко црнци“ за да дојдат до некоја паричка, за да останат колку толку независни од „спонтаните“ повици за протести и пишувањето со големи букви: KOLKU DOBAR E PREMIEROT I KOLKU JAKI IDEI I PROEKTI SPROVEDUVA.

За тие четвртите на никој не му е гајле. Тие немаат свој претставник, на политичката сцена. Тие се разочарани од сите можни опции. Нит сакаат да висат по штабови, нит сакаат да бидат декор за одредени акции, како например „пеер возиме точаци пошо ни е гајле за животната средина“, а пак најмалку од сѐ сакаат да лепат плакати. Таа „багра“ сака едноставно да работи и да се развива во Македонија, без да има потреба да влегува во најразлични комбинации за да си обезбеди пристоен живот.

Тие луѓе учеле дека Бугарите се фашисти и дека ја окупирале Македонија, ама тоа знаење никако не им помага да живеат како и сите останати луѓе кои напорно работат за да створат нешто за себе и да остават нешто позади себе. Не е голема филозофијата, ама бара големи жртви. Бара отворени умови и очи што гледаат напред во иднината, а не назад кај комитите и еве да не речете дека не сум ги спомнал-партизаните.

За луѓето со отворени умови нема кој да се замара. Едните се зафатени со тоа да плукаат по другите, користејќи теми кои се толку неважни, што комотно можат да се натпреваруваат со податокот колку овци има во Нов Зеланд, по својата небулозност. Јас имав 5-ка по географија и сигурно сум го знаел бројот на овците кога ме прашувал професорот, ама веќе сум заборавил. Како и сите други си имам други маки.

Интересно ми е, како таткото што го спомнав на почетокот од моето писание го оправдува синот што плукнал по неговиот дедо, кој нели, да ве потсетам херојски им пружал отпор на БУГАРСКИТЕ фашисти? Како по ѓаволите се случува тоа? Дали некој може да ми даде одговор? Поставете си го и Вие тоа прашање, драги мои. Ако случајно го најдете одговорот, рубриката „Од читателите“ на нашиот портал Ви стои на располагање, па бидете така добри и споделете со сите нас. Толку засега.

PS: Живо ме интересира дали на „Tasty“ нема конечно да објават видео со рецепт за посна варена зелка или ќе продолжат со објавување на навистина вкусни манџички, кои оние четвртите, што ви ги спомнав погоре во текстот можат да си дозволат да ги направат само еднаш или два пати во месецот.

Пишува: Батко Тане

 

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -