4.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Утре започнува божикниот пост

Божикниот пост му претходи на празникот Рождество Христово, трае околу 40 дена и се нарекува исто така „Филипов пост“, бидејќи започнува после 27 ноември – денот на споменот на Апостол Филип. Божикниот пост е востановен за да можеме ние, во пресрет на Рождеството Христово, да се очистиме себеси со покајание, молитва и пост, и со чисти срца, душа и тело, благоговејно да Го пресретнеме Синот Божји што се јави во светот, принесувајќи Му го, наместо обични дарови и жртви, нашето чисто срце и желба за последување на Неговото учење.

Според православниот календар, Божикен пост трае од 28.11. до 06.01. секоја година.

Правилата на воздржание, пропишани од Црквата во Божикниот пост се исто како и за Петровденскиот пост. Јасно е дека во времето на постот се избегнуваат месото, путерот, млекото, јајцата, сирењето.

Божиќнот пост се пости на следниов начин:
– во понеделник, среда и петок не се јаде масло и не се пие вино;
– во четврток и вторник се дозволува масло и вино;
– во сабота и недела – масло и риба.

Ако падне празник во понеделник, вторник и четврток, се дозволува масло и риба. Ако падне празник на помал светител во среда и петок се дозволува масло и вино. Ако е голем празник, во среда и петок се дозволува масло и риба. Ако падне ден на црковна слава во среда и петок се дозволува масло и риба.

Што е пост?

Востанувањето на самиот пост е направено од страна на Светата Православна Црква уште од апостолските времиња, по примерот на Господ Исус Христос, заедно со определувањето на времето на постот како и тоа која храна да ја јадат Христијаните за време на постот. Од Бога, постот е востановен со заповедта дадена на првите луѓе на земниот рај – да не јадат од дрвото за познавање на доброто и злото (1.Мој.2,17). Преку неа Бог, уште на самиот почеток сакал да ги научи луѓето на послушност и воздржување.

Значењето на постот

Под пост, во поширока смисла на зборот, се подразбира севкупниот христијански живот и начин на постоење во Црквата, опфаќајќи ја тука и молитвата. Затоа, условно, постот може да се подели на телесен и духовен. Во потесна смисла под зборот пост најчесто се подразбира телесниот пост, којшто е воздржување од некои јадења во деновите и временските периоди што Црквата ги одредила во текот на годината. Овие денови точно треба да се запазат и никој да не измислува, без благослов, повеќе или помалку од она што Црквата од Светиот Дух вдахновена го определила. Вистински пост и молитва како благодатни дарови Божји постојат само во Црквата и никогаш надвор од неа. Тоа значи дека тој што пости и се моли треба да е крстен, да се причестува, да се исповеда, да ги почитува и да учествува во сите други Свети Тајни на Црквата.

Суштината на постот не е умртвување на телото, како што се мисли, туку умртвување на гревот во нас, затоа што гревот предизвикува пропаѓање и смрт.

Се пости во деновите кои вселенската Црква ги има определено за пост, а не во деновите кога нам „ни е по волја“; токму затоа постот на повеќе начини е добар и спасоносен:

  • на тој начин верните го покажуваат своето смирение и послушание на еднинствената Црква; значи, не се пости своеволно, што од своја страна би претставувало некој вид на диета или магија.
  • затоа што сите постат ист број на денови во годината се спречува возгордувањето помеѓу верните, на начин на кој некој би се чувствувал подостоен и поверен од другите поради тоа што пости повеќе, што од своја страна би го одвела во духовна пропаст.
  • кога би се собрале четирите повеќедневни пости, еднодневните, како и определените среди и петоци, се добива заклучокот дека Православните постат повеќе од половина година; половина година поминати во воздржување наспроти хедонизам, што ја покажува определеноста и ревноста за Царството Божјо.

Како да го минуваме времето на постот?

Според делата на благочестие, на кои ние треба да им ги посветиме деновите од постот, овој пост наликува на празничните денови. Словото Божјо сведочи дека „постот… за домот Јудин ќе бидат радост и голема веселба“ (Зах. 8, 19). Сепак, постот се разликува од празниците и обичните денови. За време на празниците Црквата нѐ повикува кон благодарење на Бога и Светиите за нивните благодејанија, додека во времето на постот сме повикани кон помирување со Бога и учество во животот, страдањата и смртта на Спасителот и Светиите. Празниците нѐ приведуваат кон духовна радост и надеж, постот, пак, кон духовно смирение. За време на празниците во согласност со духовната веселба, Црквата благословува побогата трпеза, во постите, пак, се пропишува умерено употребување на посна храна и питие. Сето тоа е убаво уредено во Црковниот Устав со цел да ги ослаби во нас страсните движења на плотта, кои се будат со обилните и слатки телесни задоволства; но така што да не ја заслабне сосема нашата телесна природа, туку да ја направи лесна, крепка и способна да се потчини на движењата на духот и бодро да ги исполнува неговите потреби.

Уставот на Црквата учи од што треба да се воздржуваме во времето на постот. Телесниот пост без духовениот пост не придонесува ништо за спасението на душата, дури напротив може да биде и духовно штетен, доколку човекот воздржувајќи се од храна се исполни со чувство на предимство во однос на другите.

Вистинскиот пост е поврзан со молитва, покајание, со воздржание од страстите и пороците, со искоренување на лошите дела, простување на навредите, и вежбање во добродетелта. Постот не е цел туку средство – средство да ја смириме сопствената плот и да се очистиме од гревовите. Без молитва и покајание постот станува една обична диета. И Светите Отци велат дека додека постиме телесно истовремено треба да постиме и духовно: „Да постиме, браќа, телесно, да постиме и духовно, да ги разрешиме сите врски на неправдата“. Вистинската суштина на постот е изразена во следната црковна песна: „Пости од храна душата моја, но од страстите не се очистува – напразно се утешуваме со нејадење. Зашто ако постот не ти донесе исправување, ќе биде примен од Бога како лажен и ќе биде како кај лошите демони кои никогаш не јадат“.

Како да се навикнеме на постот?

Основа на постот е борбата со гревот преку воздржание од храна. Значи воздржание, а не истоштување на телото, затоа правилата за запазување на постот секој треба да ги усогласи со своите сили, со степенот на својата подготвеност за пост. Постот е аскетски подвиг, кој бара подготовка и постепеност. Неопходно е во посниот подвиг да се влегува постепено, етапно, почнувајќи со воздржание од мрсна храна во среда и петок во текот на целата година. Некои непромислено и нагло го започнуваат подвигот на постот, постејќи безмерно строго. Тие само го нарушуваат своето здравје, или уште полошо, од гладот стануваат нетрпеливи, раздразливи – се гневат на секого и на сѐ и постот наскоро за нив станува неподнослив. И тие го отфрлаат. За нашето расположение кон постот да биде правилно, треба постепено да пристапуваме кон постот, внимателно и со расудување. Секој треба самиот да си определи колку му е потребно храна и питие, притоа не многу да го намалиме количеството на храната што ја употребуваме и да се доведеме до тоа да сме исцрпени и неспособни за делување. Тука главното правило ни го дава Самиот Господ: „Да не отежнат срцата ваши од прејадување и пијанство“. Оној којшто сака да го сочува и запази постот би требало да се посоветува со опитен духовник, добро да му ја изложи својата физичка и духовна состојба и да испроси од него благослов за исполнување на постот.

Телесен пост

При определувањето на телесниот пост треба многу да се внимава. Не е можно секој човек, секоја конкретна личност да си наложува и да се оптоварува со иста тежина. Во Црквата живеат, се спасуваат и деца во развој (од кои до нивната седумгодишна возраст воопшто не се бара телесен пост како подготовка за Света Евхаристија) и изнемоштени, остарени луѓе, потоа луѓе болни или оптоварени со тешка физичка работа, како и жени, бремени или со доенчиња. На сите овие духовниот отец, свештеникот, ќе им определи пост според нивните телесни сили или ако треба и сосема ќе ги ослободи од него. Свети Јован Златоуст вели: „Кога ќе слушнете за постот не плашете се од него како од страшен војвода: тој не е страшен за нас, туку за лошите духови. Ако те обзел лошиот дух, покажи му го лицето на постот, а тој окован со страв и врзан како со железни синџири ќе стане понеподвижен и од каменот, особено кога ќе ја види со него и неговата другарка молитвата.“ Затоа и Христос вели: „Овој род се истерува само со пост и со молитва“ (Матеј 17, 21). Па тогаш, штом е постот толку страшен за нашите непријатели и ги прогонува, потребно е да го сакаме и радосно да го примиме, а не да се плашиме од него.

Духовен пост

Телесниот пост е неразделно поврзан со духовниот пост. Нема вистински пост без покајание и плач, без смирение, без молитва, без трпение, без љубов и милост кон ближните и без другите Свети Добродетели. Од телесниот пост духовниот отец може да неразреши, но од духовниот пост – никој, па дури ни ангел од небото. Затоа, телесниот пост не е секогаш неопходен како подготовка за Света Причест, додека пак, духовниот е неопходен. Духовниот пост е самата суштина на христијанското живеење и постоење во Црквата. Сепак и телесниот пост многу го помага духовниот. На пример, многу помага за да се вежба трпението, смирението и молитвата, да владее во дух на покајание, а покрај тоа, од она што би се заштедило постејќи, може да им се даде милост и помош на сиромасите. Кога вака правилно би се разбрал постот, не би постоел христијанин кој би можел да се оправда ако не го држи постот.

Оние пак, што побожно и редовно го запазуваат постот, секогаш треба да го почувствуваат како подготовка за Света Причест со Телото и Крвта Христови.

Постот во Стариот Завет

Во Стариот Завет има многу примери за пост: светиот пророк Мојсеј Боговидец постел 40 дена и 40 ноќи (2.Мој.34,28) за да се подготви да ги прими Десетте Божји заповеди; светиот пророк Илија со строг пост, духовна чистота и голема ревноста за Господа се удостоил да ја види Божјата слава (3.Цар.16,4-13), а пак свети Јован Крстител е познат како најголем и најстрог испосник. Воопшто, постот бил почитуван од сите праведници.

Апостолски правила за постот

66-то Апостолско правило од Шестиот Вселенски Собор:

Ако некој клирик се најде дека пости во ден Господов (недела) или во сабота, освен во едната (Великата) сабота, да биде расчинет; а ако е мирјанин да биде одлачен.

69-то Апостолско правило од Шестиот Вселенски Собор:

Ако некој епископ, презвитер, ѓакон, ипоѓакон, чтец или псалт не пости во Светата Четириесетница пред Пасха, или во среда и петок, освен кога за тоа му пречи телесна немоќ, нека биде расчинет, а мирјанин да биде одлачен.

Православната Црква утврдила и пропишала за време на постот, да не се јаде месо, маст, сирење, масло, јајца, млеко, а некогаш и риба, зависно од важноста на постот.

Периоди на Пост

Православната Црква има еднодневни и повеќедневни пости.

Еднодневни пости

  • Среда и петок (освен т.н. редовни седмици)
  • Водокрст (спроти Богојавление) – 18 јануари
  • Отсекување на Главата на Свети Јован Крстител – 11 септември
  • Крстовден – 27 септември

Повеќедневни пости

  • Велик, или Велигденски пост
  • Петровденски пост
  • Богородичен пост (од 14.08. до 27.08.)
  • Божикен пост (од 28.11. до 06.01.)

Среда и петок

Светата Православна Црква го воспоставила постот во среда и петок како спомен на истите денови во Страсната седмица. Значи, последната недела од Велигденскиот пост, Христос е предаден од Јуда Искариот, а е распнат на Чесниот Крст во петок. Во знак на спомен на тие денови, сите Православни Христијани треба да постат во тие денови, освен во седмиците кога постот е забранет или разрешен (светли и трапави).

Во среда и петок се блажи во следните седмици:

од Божик до Водокрст од 07 јануари до 17 јануари
Седмица на митарот и фарисејот (менлив период)
Сирна седмица (менлив период, пред почетокот на Велигденските пости)
Светла седмица (менлив период, неделата по Велигден)
Духовденска седмица (менлив период)

Велигденски пост

Светата Четириесетница е востановена во чест на Страдањата и Воскресението на Господ Исус Христос. Според Типикот, се пости вака: за цело време на постот во сабота и недела е дозволена употреба на масло (освен саботата пред Велигден). Риба се употребува само на Благовештение и Цветници (Врбица). Ако Благовештение се падне пред Цветници, тогаш на денот на Благовештение се разрешува на масло и вино.

Петровденски и Божикен пост

Овие пости се востановени во чест на светите Господови апостоли и во чест на раѓањето на Господа Исуса Христа. Тие се постат вака: во понеделник, среда и петок не се јаде масло и вино; во четврток и вторник се дозволува масло и вино, а во сабота и недела – масло и риба.

Ако падне празник во понеделник, вторник и четврток, се дозволува масло и риба. Ако падне празник на помал светител во среда и петок се дозволува масло и вино. Ако е голем празник, во среда и петок се дозволува масло и риба. Ако падне ден на црковна слава во среда и петок се дозволува масло и риба.

Богородичен пост

Овој пост е востановен во чест на Христовото Преображение и Успението на Пресвета Богородица и се пости на следниов начин: од понеделник до петок не се јаде масло. Масло се употребува само во сабота и недела. Риба се разрешува само на Преображение.

Извор: mk.orthodoxwiki.org

поврзани објави

Последни објави