Еден од иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ Петар Богојески во изјава за “Поглед“ вели дека преку обединувачки Конгрес на ВМРО ДПМНЕ се отвара простор за собирање на сите идеолошки определени вмровци, вклучувајќи го и првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски.
Во продолжение изјававата на Богојески.
Вашето прашање во врска формирањето на првата Влада на РМ, предводена од ВМРО ДПМНЕ, ме потсети на едно време, на настани од мојата младост, кога толку многу се радував на победата на Парламентарните избори во 1998 година, што мислам на моменти го надминав и разумот. Тоа беше време на општонародна прослава, енергија, братска вмровска солидарност, време на раѓање на вистинската Република Македонија. Не сакам да коментирам персонални решенија во таа Влада, но од дистанца од скоро 20 години, слободно можам да констатирам дека коалицијата со т.н. Демократска Алтернатива беше катастрофално промашување. Највеќе поради тие кадровски решенија, македонските граѓани не почувствуваа вистинска вмровска управа. Од тоа време се провлекуваат и денешните проблеми во ВМРО ДПМНЕ, особено во поглед на “резервоарот на кадри” на кои се потпираше “груевизмот”.