Откако на Бејли му се „испушти“ за бонусите кои законски, подвлекувам законски си ги поделиле во ДИК, членовите на таа државна институција побрзаа да изјават дека ќе ги донираат парите веднаш штом ќе им „легнат“ на сметките.
Почитуваната г-ѓа Дума „свечено“ изјави дека таа и нејзиниот колега Игор Милев донеле „лична“ одлука да ги вратат парите, „за да им се најдат“ на тие кои им велеле „да ви се најдат“, претпоставувам тие вторите го кажале тоа со одредена доза негативизам, тоа е одиме напред.
Друг еден од членовите, Сашко Срцев пак, како причина плус да ги врати (донира) парите го истакна фактот дека неговата фамилија нема потреба од „пари за свеќи и пченица“ (изгледа видел дека го колнат во социјалните мрежи и се исплашил човекот).
Трет се пожали дека бил киднапиран. Ако кон сето тоа го додадеме и фактот дека според г-ѓа Дума, Комисијата работела од 24 часа-20, сума сумарум излегува дека парите се заслужени, ама ете за инает на рајава, членовите на ДИК одлучиле онака аристократски да ги вратат (донираат).
Солзи ми потекоа од овој бран на добротворност што се излеа врз нашите глави, како што се излеа и Вардар кај Владата пред некој ден. Вардар се излеа пошо веќе не можеше да „трпи“, а пак членовите на ДИК одлучија да донираат пошо веќе не можеа да нѐ трпат.
Јас не сакам да си помислам дека, ако Бејли не спомнеше за бонусите сѐ ќе си пројдеше онака во стилот „тивко тивко момчиња“. Нит некој од ДИК ќе го јадеше јанѕа, нит ќе се потресеа што да прават со платите плус (дали да ги вратат во буџетот или пак да ги донираат). Криво ми е дека Бејли е во заминување, а таман почна да го кажува јавно тоа што сите си го знаевме, ама ни беше ко муабет за пред кооперација.
Драги мои, да си ја кажеме вистината „право куме во очите“, имаме закони кои го дозволуваат раскрчмувањето на државата во вид на бонуси, тендери и други алатки за брзо освежување на банкарски сметки. Време е за промени, бидејќи, проблемов не е само тоа што во ДИК решиле да се „освежат“ онака пред празнициве, проблемов е што во речиси секоја институција во Македонија егзистираат таков вид на цицачи, за кои народната пара вреди само тогаш кога ќе потоне во нивниот сопствен џеп.
Пишува: Батко Тане