Претседателот на германската Социјалдемократска партија (СДП) Мартин Шулц и потенцијален коалиционен партнер на канцеларката Ангела Меркел, побара до 2025 година да бидат создадени “Соединети Европски Држави”. Тој изрази ваква желба за обединета Европа на конгресот, кој треба да одлучи дали неговата централно-левичарска партија ќе влезе во прелиминарни преговори за формирање нова коалициона влада со конзервативниот блок ЦДУ на Меркел.
“Сакам европски уставен договор кој да создаде федерална Европа”, рече поранешниот претседател на Европскиот парламент, кој предложи писмена конвенција, вклучувајќи ги граѓанското општество и граѓаните. Договорот ќе биде претставен на сите земји-членки на ратификација, а оние кои ќе го отфрлаат, автоматски ќе го напуштат блокот, предложи тој во својот говор во Берлин пред околу 600 делегати. Шулц предложи крајниот рок да биде 2025 година. Според неговите зборови, само обединета ЕУ може да ги задоволи предизвиците како борбата со климатските промени или управување со масовната миграција.
“Европа е нашето осигурување за живот”, рече Шулц. “Ова е единствената шанса што треба да ја следиме слично на другите големи региони во светот”. Тој исто така изјави дека една обединета заедница може да го запре национализмот. “Ако не го промениме курсот, ако не ја зајакнеме Европа по многу практичен и конкретен начин, тогаш овие сили ќе победат”, предупреди Шулц.