ПСЖ кон почетокот на оваа година од Бенфика го доведе младиот португалски талент Гонсало Гуедеш кој беше најавуван како најдоброто младо крило на светот.
Очекувано, не доби преголема шанса и во ПСЖ немаше доволно место за 21-годишниот фудбалер, особено не откако пристигнаа Нејмар и Мбапе, па ПСЖ ова лето го даде на позајмица во Валенсија за да се развива во солидна екипа и во една од најдобрите лиги на светот.
Валенсија оваа сезона експлодираше и се врати во врвот на шпанскиот фудбал, а Гуедеш во сето тоа учествуваше со три погодоци, но неговата игра е многу позначајна. Откако тој се повреди кон крајот на ноември, Валенсија не делува како истата екипа.
Тој се врати на мечот со Еибар, но во вистинската форма би требало да го видиме од почетокот на идната година. Откако во Валенсија ја мина половина сезона на позајмица, француски „Л’Екип“ пишува дека „Лилјаците“ се договориле со ПСЖ за траен откуп на договорот и младиот Португалец, кој го нарекуваат „новиот Роналдо“ и за кого има интерес од Барса и Реал, ќе остане во Валенсија за „само“ 35 милиони евра обесштетување.
ПСЖ е принуден да продава, а освен тоа во тимот немаат место за талентираниот фудбалер, иако најавуваа дека ќе го вратат и дека ќе му дадат шанса од следната сезона.
За Валенсија ова е одлична вест и ќе добие играч на кој ќе може да ја гради својата игра, но и добро да заработи во иднина.
Гуедеш веќе игра за сениорската репрезентација на Португалија за која постигна гол во пријателскиот натпревар со Саудиска Арабија.
Извор: СпортКлуб