Додека трае Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово, на кој единствен кандидат за наследник на Никола Груевски е Христијан Мицковски, се отвораат многу тези за идниот можен тек на случувањата во опозициската партија. Една од тие е и дали можеби ќе се повтори историјата, а Груевски ќе го стигне кармата за тоа како тој дојде на чело на ВМРО-ДПМНЕ?
Доколку делегатите кои ги има во доволен број, го изгласаат Мицковски за наследник на Груевски, тогаш тоа ќе биде многу слично на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во 2003 година кога сегашниот лидер во заминување го наследи Љубчо Георгиевски. Имено, тогаш Груевски имаше поддршка од тогашниот лидер, исто како што сега Мицковски има поддршка од него. Иако Груевски со неколку статуси на Фејсбук ја убедуваше јавноста и членството дека тој е неутрален, дури и некои од најблиските негови соработници го обвинија дека го фаворизира Мицковски, како и дека ресурсите на партијата се злоупотребуваат во корист на овој претендент за лидерската позиција. Антонијо Милошоски, Илија Димовски, Трајко Вељаноски преку отворено писмо порачаа дека битката е недемократска, а денеска не присуствуваат на Конгресот кој според нив е нелегитимен.
Можно ли е пуленот на Груевски штом се качи на партискиот престол, при првиот поглед од високо да му откаже верност на оној кој го донесе таму (доколку биде изгласан)? Љубчо Георгиевски во 2003 година го донесе Груевски на престолот на ВМРО-ДПМНЕ, а во 2004 година побара негова оставка. Тогаш Никола му порача дека нема намера да се повлече од тронот, а со тек на време Георгиевски беше целосно исфрлен од партијата.
Сегашната ситуација во која се наоѓа ВМРО-ДПМНЕ е многу слична со онаа во 2003 и 2004 година. По изборниот пораз, Георгиевски си поднесе оставка, а новиот лидер Груевски требаше да ја реформира партијата и да ја врати на власт. И тогаш се зборуваше за консолидација на партијата и победување на СДСМ.
-Моите следни чекори се консолидација на ВМРО ДПМНЕ, враќање на добрите патеки на партијата и победа врз СДСМ, изјави во 2004 година тогашниот тазе лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Вест на ФОКУС