За 10 години, извршувањето зголемо за 6 пати – од 20 на 120 милиони евра, покажуваат анализите на економистите.
Според нивните истражувања во 2006 година, извршителите наплатиле 20,2 милиони евра, а во 2016 година сумата која тие ја зеле од народот изнесува 118,9 милиони евра.
Ова е алармантен пораст на присилна наплата, што од економски аспект секако не е добра:
- Тоа значи дека се зголемуваат извршни предмети, односно се зголемуваат предметите во кои населението и правните лица се јавуваат како должници. Тоа значи дека преку наплатата на извршителите се зголемуваат и трошоците кои населението ги плаќа по разни основи, објасни Глигор Ивановски, економист.
Најголем дел од парите извршителите ги наплатиле по налог на банките за земени, а невратени кредити. Покрај ова, извршители најмногу наплаќаат долгови за неподмирени комуналии, алиментации и неисполнети купо-продажни договори.
Причините за ова секако се резултат на слабата економска моќ на граѓаните кои едноставно немаат пари з ада си ги покријат тропоците:
- Немаат денар луѓето, од каде да платат. Мали примања имаме, сите сме должни, велат анкетирани граѓани од Штип.
Од друга страна, сиромашна ни е и државата, па луксузот личен банкрот и преземање на долговите на граѓаните или не може или не сака да си го преземе:
- Законска регулатива за банкрот на физички лица во Република Македонија нема. Таква законска регулатива постои во развиените држави, истакна Марјан Николов, Центар за економски анализи.
Поради беспарицата и скапијата долгови и должници има се повеќе, а пари се помалку. Што ќе рече – сезоната на извршителите, допрва доаѓа.
ТВ Стар