Карлос Тевез се врати во матичниот клуб Бока по нецела година во Шангај
Аргентинскиот напаѓач Карлос Тевез очигледно има големи замерки кон Кинезите и се обидува од нив да направи најголеми свои непријатели. Тевез се задржа во Шангај Шенхуа нешто помалку од една година во која заработи дури 40 милиони евра. А тој одигра само 20 натпревари и постигна четири погодоци. Често беше критикуван поради непрофесионалното однесување, а тој без „влакна на јазикот“ им враќаше и тоа преку медиумите. Пред неколку денови Тевез се врати во својот матичен клуб Бока јуниорс и на претставувањето не пропушти да ги „пецне“ Кинезите.
„Седум месеци бев на одмор во Кина. Уште кога слетав во Кина, сакав да се вратам во Бока. Во ред е што тренерот и претседателот на Шангај ме критикуваа, но искрено немам поим што работев таму“, се смешка Тевез кој ќе се обиде да ги придобие оние навивачи кои му се налутија кога претходната година одлучи да си замине поради неморалната понуда од Кина.
Еден од тие што е возбуден поради враќањето на Тевез во Бока е аргентинската фудбалска легенда Диего Марадона.
„Тевез е цар. Отиде во Кина, им ги собра парите и си се врати дома“, изјави Марадона.
Извор: Sport.com.mk
|