Знам, знам, сега ќе викнете сите, политика и спорт не се мешаат, ама спортот остана единственото нешто што некои тазе освестени „патриоти“, се мачат да го исполитизираат, бидејќи и самите тие милите се плод на една погрешна политика.
Раул Гонзалес е Шпанец, кој научи да зборува македонски јазик, и нѐ натера да ги почувствуваме едни од најубавите моменти од осамостојувањето на нашата Македонија до денес. Човекот перфектно си ја врши работата и без помпезност ни покажува како се работи. Ни покажа како без удирање во гради и празни пароли, можеме да бидеме победници. Раул Гонзалес е добар пример за сите нас и цела среќа е, што тој не е Албанец, Бугарин или да не дава Господ Грк. „Патриотите“ немаат мака со командантите, кои потекнуваат од Шпанија. Гајле им е дали Шпанија го признала нашиот јазик или пак нашата нација, затоа така распалено се удираат во гради со сработеното од македонскиот селектор. Сосема друга ќе беше приказната ако селекторот да речеме беше Албанец . Веднаш „гордиот“ македонски народ ќе се поделеше во два табори на про и анти селекторот. Имаме искуство во тоа. Кога командантот (спомнат во насловот на овој напис) беше именуван за министер за одбрана во Владата на Никола Груевски, „патриотите“ молчеа или пак се вадеа на муабетот дека Џафери веќе бил дел од Министерството за одбрана, ама овој пат како заменик министер. Различен аршин??? Нема врска!!! Аршинот е ист, но доаѓа во различна боја со секоја промена на власта. Спортот? На никој не му е гајле за него. Спортот е за перење пари и забава. Спортот е за обложување и повремено обожување, ако објектот на воспевање е во хармонија со нацртаните „црвени етнички линии“ на македонскиот „патриот“.
Тие линии не се преминуваат лесно. „Патриотите“ најдобро знаат, кој смее и кој не, да ужива во нивната благонаклонетост. Раул Гонзалес е убав момент во нашата реалност и не би сакал утре врз него да се истури „народната љубов“, ако случајно некогаш и некаде изјави нешто што нема да им се допадне на „дежурните патриоти“ позади тастатурите. Страв ми е работава да не испадне, како со еден друг командант (да, токму на Форина, мислам). Додека беше министер за одбрана во Владата на Груевски, не им чинеше на „борците за промени“, ама откако „промените“ дојдоа, според истите тие „борци“ Форина беше најдобрата варијанта за нов спикер на македонскиот парламент. Различен аршин??? Нема врска!!!
Токму затоа би сакал да ги замолам сите оние што денес онака парадерски мафтат со ликот на Раул Гонзалес. Оладете малце. Човекот е прекрасен пример да научиме нешто од него, не мора да го претворате во култ како да речеме Че и при првиот негов „погрешен“ чекор, кој не се впишува со розевата боја на вашите претстави, да го „смачкате“ со вашиот латинично поддржан патриотизам со влучен гратис Caps Lock.
Раул нѐ израдува сите. Не верувам дека има човек кој живее овде, а да не останал шармиран од големиот Шпанец. Токму поради таа причина се надевам дека љубовта кон Ел Команданте, ќе ни биде за пример и утре кога тој ќе си замине, ние ќе го засакаме неговиот наследник (без разлика на неговата етничка припадност), се разбира, ако го заслужил тоа со својата професионална работа.
Пишува: Атанас Величков