Како и секогаш, Живко Мукаетов беше навивач плус и поддршка плус за нашите ракометари на едно големо натпреварување, а традиционално како и секојпат во изминативе 10 години, претседателот на Ракометната Федерација на Македонија одлучи да направи резиме за она што го оствари нашата репрезентација на Европкото првенство во Хрватска.
На денешното собрание во просториите на РФМ, Мукаетов испрати една пофалба до Раул Гонзалес и неговото подмладување на составот со четворица млади играчи кои добија значајна шанса на едно големо натпреварување, но исто така призна дека поради одредени поединци кои не сакаше да ги именува, има и поделени чувства кога е во прашање резултатот остварен на Европското првенство (Македонија на крајот заврши како 11-та по трите порази во главната фаза).
– Сакам да испратам комплименти до стручниот штаб на ова ЕП и извонредното водење на Раул Гонзалес. Се надевам дека тој и натаму ќе остане на нашата клупа и дека ќе го предводи националниот тим. Да се претставуваа оваа мала земја рамо до рамо со најдобрите во Европа и притоа да се промовираат четири млади играчи, е навистина потврда за нашето проактивно делување во ракометот. Треба да останеме фокусирани на следниот голем проект кој е пред нас, а тоа е пласман на Светското првенство, – посочи претседателот на РФМ кој исто така порача личните суети следниот пат да останат во Скопје.
– Настапот во првиот дел од турнирот беше максимално успешен, но за жал не продолживме исто во втората фаза. Игравме против Шпанија која стана европски шампион, потоа и против Данска која заврши на четвртото место и против Чешка која се избори за шестото место. Токму на мечот против Чешка моравме многу повеќе, моравме да стигнеме до победата која беше толку блиску. За поединци би порачал во иднина личните проблеми и суети да ги остават во Скопје и да се посветат на играта, да играат до крај бидејќи јунаците на мака се познаваат. Турнирот се игра до самиот крај, – заклучи Мукаетов.
Дерби.мк