Се отвора можноста телевизиите 24 вести и ТВ 21 да влезат во друштвото на големата петорка – Телма, Канал 5, Сител, Алфа и Алсат, кои имаат дозвола за телевизиско емитување преку таканаречен „дигитален терестријален мултиплекс“.
Агенцијата за медиуми распишала оглас за изработка на студија која би утврдила дали е оправдано да се распишува јавен конкурс за доделување дозвола за телевизиско емитување на државно ниво преку терестријален предавател.
Студијата, за која АВМУ според огласот ќе плати 5 илјади евра, треба да содржи анализа на пазарот, како и компарации со други држави, а потоа, доколку со истата се потврди дека има простор на пазарот, би се распишал јавен конкурс.
„Точно е дека двете телевизии поднесоа барање. Доколку има јавен конкурс, ќе може да конкурира било кој. Двете телевизии немаат предност, туку се само иницијатори“, велат од Агенцијата.
Телевизиите 24 вести и 21, минатиот месец поднеле барање за дозвола за телевизиско емитување на програмски сервис на територија на државата преку таканаречен „дигитален терестријален предавател“. Досега, двете телевизии зрачеа преку кабел – 24 вести преку сателит, а ТВ 21 преку „јавна електронска комуникациска мрежа која не користи ограничен ресурс“.
Ако добијат терестријална дозвола, тие ќе можат да зрачат пошироко и ќе имаат поголема покриеност, ќе влезат во трката за реклами со останатата петорка, а секој оператор ќе мора да ги стави во својот пакет програми.