14.6 C
Skopje
Monday, October 7, 2024

(Видео) Средба Заев и Кахраман: Парламентот на Турција ги поддржува интеграциите на Македонија во НАТО

И Македонија и Турција се против тероризмот, тие се на страната на мирот во светот, се согласија делегациите на Република Македонија и на Република Турција, на средбата меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието на Турција, Исмаил Кахраман.

Претседателот на Владата, Заев, придружуван од министерот без ресор, Аднан Ќахил, пратениците во Собранието на Република Македонија, Енес Ибраими и Јусуф Хасан и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, во името на граѓаните, на Парламентот и на Владата на Македонија, пренесе сочувство за загинатите припадници на турските воени сили.

На средбата е изразена заедничка согласност дека парламентарната соработка меѓу двете држави е важна и дека ќе придонесе кон определбата за зголемување на трговската размена меѓу Македонија и Турција на една милијарда евра.

Претседателот на Парламентот, Кахраман, изрази задоволство што повторно е воспоставена соработката на највисоко премиерско ниво, по три години, меѓу двете земји. Тој соопшти дека Република Турција продолжува силно да ја поддржува Република Македонија во НАТО и ЕУ интеграциите и упати покана преку премиерот Заев, до претседателот на Собранието на Македонија за парламентарна посета на Турција.

„Република Турција е голем пријател на Република Макединија, ќе ја развиваме економската соработка за што има и услови и интерес од двете страни, а за обезбедување квалитетен живот и перспективи на граѓаните и државата, многу се важни членството во НАТО и ЕУ. Ве повикувам, како парламент на една голема пријателска земја, да продолжите да ‘нè поддржувате на тој пат“, побара премиерот Заев на средбата со претседателот на Парламентот на Турција, Кахраман.

Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, положи свежо цвеќе во делот од Парламентот оштетен при обидот за државен удар во 2016 година во Република Турција во спомен на загинатите.

поврзани објави

Последни објави