7.8 C
Skopje
Thursday, April 18, 2024
Платено политичко рекламирање

Александар се уште бил свесен на Кајмакчалан, се обиделе да го извлечат, но се откачил ременот

Грчките специјални единици за справување со катастрофи ги пронашле Калина и Александар уште во саботата навечер, околу 22 часот – или околу осум часа по нивното исчезнување. Се обиделе да го спасат Александар, кој бил сѐ уште свесен, при што употребиле ремен за да го извлечат. Но, во текот на извлекувањето поради непозната причина ременот се откачил и Александар паднал на стрмната падина на уште поголема длабочина. Грчките спасувачи од Солун изјавиле во полиција дека Калина тогаш не покажувала знаци на живот, ниту на чувствителност, поради што претпоставката е дека веќе била почината.

Ова се наведува во барањето за обдукција на телата на Калина и Александар од 11 февруари, испратено од полицијата во Воден до Судската медицина во Солун. Во полицискиот документ кој го добиле семејствата на загинатите, се наведува дека по неуспешниот обид за извлекување на Александар и „поради темнината и лошите временски услови, односно силниот снег и ветер“, било невозможно планинарите „да бидат лоцирани“.

Потрагата вечерта прекинала и Специјалните единици за справување со катастрофи се вратиле на местото каде што биле планинарите дури наредниот ден, во неделата на 11 февруари. Калина и Александар се пронајдени мртви на 11 февруари во 10 часот по грчко време, а нивните тела се извлечени во 13 часот и се пренесени во болницата во Воден. Александар е пронајден на растојание од 40 метри од Калина, која била вкопана во снег, на длабочина од околу 1,5 метар.

Првичните информации од обдукцијата на телата на загинатите планинари покажува дека причина за настанатата смрт била хипотермија. 26-годишната Калина Велевска и 35-годишниот Александар Миновски загинаа по бурата што ги зафатила на планината Ниџе. Со помош на хеликоптер, 3 возила и 13 лица од службата за спасување, двете тела беа извлечени од бездната.

Федерацијата на планински спортови пред неколку дена му ја одзема лиценцата на водичот Зоран Костадиновски од планинаркото друштво „Трансверзалец“ по трагедијата што се случи на Кајмакчалан, каде што животот го загубија двајцата млади планинари Калина Велевска и Александар Миновски. Планинарското друштво кое постои веќе 20 години до 21 март не ќе може да организира планинарски тури на височина над 2.000 метри. Ваквата одлука е донесена по разгледувањето на извештајот што се случувало кобниот викенд на 10 и 11 февруари годинава, кога група од 50-тина планинари тргнале во освојување на планината Ниџе, иако временските услови биле исклучително неповолни.

Лиценцата на Костадиновски му се одзеде поради технички пропусти во организирање на турата, која заврши кобно за двајцата млади планинари, вљубеници во природата. Костадиновски немал лиценца за тури во зимски услови.

Повеќе за ова на а1on.mk 

поврзани објави

- Advertisement -
- Advertisement -spot_img

Последни објави