Затегнатите односи меѓу Жозе Мурињо и Пол Погба продолжуваат и по дуелот во Севилја, на кој Португалецот го остави својот најскап фудбалер на клупата за резерви. Стратегот на Манчестер јунајтед на денешната прес-конференција во пресрет на дербито со Челси јавно му порача на Погба дека мора да се избори за повторно да ја има неговата доверба, откако францускиот ас играше во променлива форма во текот на целата сезона.
Jас не ја давам мојата доверба бесплатно. Мислам дека треба да е обратно, менаџерот не треба да верува во играчот, туку фудбалерот треба да го натера да верува во него со својот однос. Тоа е мојот став. Сепак, задоволен сум од реакциите на Погба по влегувањето во игра против Хадерсфилд и Севилја“ – изјави Мурињо.
За разлика од Погба, „специјалниот“ има огромна доверба во Ромелу Лукаку, иако белгискиот џин нема постигнато ниту еден погодок на дуелите со првите осум екипи на премиерлигашката табела.
„Да не заборавиме дека Ромелу сезонава досега постигна 21 гол. Јас го ценам исклучително, дури и кога не се запишува меѓу стрелците, а убеден сум дека наскоро ќе решава и дерби натпревари во наша корист“ – му искажа Мурињо доверба на Лукаку.