18.8 C
Skopje
Friday, October 4, 2024

Ќутете потивко

Транспарентност… Не знам зошто зборот на власта ѝ асоцира на нешто ново, досега некажано и неслушнато, кога во изминатите години, на секој втор транспарент во десетиците маршеви и протести, беше испишан токму овој збор? Транспарентност и одговорност – најпосакуваните нешта во “шареното“ време. Или барем јас така мислев.

Еве јас, на пример, сакав да знам кој, каде, колку и како ја злоупотребил службената положба? Не само за Двојче и секретарот, туку за сите кои на било кој начин се згрешиле пред законот. И уште сакам. Сакам да знам што се случувало во “дувлото на криминалот”, како што ги нарекувавме локалните институции предводени од претходната власт.

И токму таа, транспарентноста, толку посакувана и очекувана, само пред некој ден ни се удри од глава. Ние од „Поинаку“, бевме наречени “уличари”, “преваранти”, “зелени политиканти”… И зошто? Само заради фактот што, за прв пат, некој со име и презиме кажал кој како гласал во општинскиот Совет! Што има тука толку трагично? Каде е тука нашиот “грев“? Па нели тоа е во духот на отчетното и транспарентно владеење? Нели устата на сите ни беше полна со пароли за демократија, за слобода на говорот и на пишаниот збор? Или можеби некој се срами од изразувањето на сопствениот став, од тоа што јавноста ќе дознае како гласал, на каков начин ги застапувал интересите на граѓаните?

Таканаречениот “Закон за заштита на битолчани од РЕК“ или “Битолскиот закон“, е неопходна потреба за граѓаните на Битола. Неговото релативизирање, потценување и одбивање, на ниеден од нас нема да му донеси добро. Оправдувањата од типот “не е во наша надлежност“, предолго и пречесто ги слушавме за да така лесно ги прифатиме.

Сите ние, членовите на општинскиот Совет, избрани сме во Битола, од битолчани. За доброто на Битола. Не сме избрани за да седиме, кукаме и да чекаме инструкции од Скопје. Зарем новата власт толку бргу го заборави опозициското мото “секој глас е важен”? Или сега можи мисли дека само тие треба да имаат право на глас? Знам и јас, знаат и битолчани, дека е тешко да се направи чекор кон добивање субвенционирана струја, или пак да се премести седиштето на ЕЛЕМ од Скопје во Битола. Знам оти е тешко преку ноќ да се постигни Битола да диши чист воздух, ама знам и дека не е неостварливо. И дека, на крајот, никој и не рече дека ќе биди лесно.

Не можам ни да претпоставам колку е тешко да се живее со товарот дека некому во Скопје, не на битолчани, му должите нешто. Дека му должите послушност. И веројатно тоа боли, исто како што мене ме боли што поверував оти можи да имаме наша, автентична битолска “револуција“, што верував дека ниедна функција не можи да ни го сруши тој идеал. Излезе оти не било така. Ама, секој сам го бира патот по кој ќе оди.

Муабетите од типот ЌЕ направиме, ЌЕ изградиме, не се веќе во мода, оти претходната власт ги потроши до максимум. Денес тоа се разбира како купување време кое, за жал, се плаќа со животите на наши сограѓани. Сликите од одложените судења не ме прават среќна, ни мене ни било кој од оние кои, исто како мене, очекуваа криминалците да ги видат во затвор. Ако се виновни – осудете ги, ако не се – ослободете ги. Не видовме ни бројчаник, исто како што не видовме ни спремност за критика, уште помалку за самокритика. Тоа што го гледаме многу наликува на веќе виденото. И затоа држи место она што некаде го прочитав, дека нам повеќе и не ни треба бројчаник, туку компас ни треба.

Малку кој се надеваше дека луѓето кои беа во првите борбени редови против режимот, ќе станат “проблем“. Одеднаш станавме соработници на ВМРО-ДПМНЕ, сме биле опозиција, така сме реагирале оти не сме добиле функции… На оние на кои добивањето директорска фотелја или местенце во администрацијата им било врвен приоритет, тешко е да им зборувате за независност, за слободна мисла, а за идеали, пак, поарно да не спомнуваме. Ама и сегашново ќе помини. Кога преживеавме режим, ќе го преживееме и ова. Тоа е повеќе од сигурно.

И да…ќутете потивко да не ја разбудите транспарентноста.

Пишува: Габриела Илиевска

поврзани објави

Последни објави