„Министерството за здравство ги истражува индициите дека постоеле злоупотреби со исплатата на хонорарите на Клиниката за детска хирургија во Скопје. Во наредниот период, Министерството ќе утврди кој и врз основа на што, на лицата ангажирани со договор на дело, им исплаќал суми многу поголеми од предвидените.
Имајќи го ова во предвид, потенцираме дека не станува збор за намалување на примањата на хонорарците, ангажирани на Клиниката, туку за враќање на износите во рамки на постојната систематизација.
Министерството за здравство и натаму останува на ветувањето од Програмата на Владата на Република Македонија за покачување на платите на сите здравствени работници, за 5 проценти, во втората половина од оваа година. Дополнително, во првата половина на годинава ќе се зголеми сумата, која докторите и медицинските сестри ќе ја добиваат за дежурствата. На пример, минатата година еден интернист за дежурање во работен ден добивал по 1.340 денари, а годинава овој износ ќе се зголеми и ќе изнесува од 2.500 до 3.000 денари. Додека за дежурство на празник, или во тек на викенд, сумата од 2.980 ќе порасне на 4 илјади денари“ се вели во соопштението на министерството за здравство.