Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, денеска на заедничка прес-конференција со австриската министерка Карин Кнајск, изјави дека одлуката за протерување на рускиот дипломат од Република Македонија е донесена врз база на два елементи, меѓународен и домашен.
Според Димитров, протераниот дипломат излегол од својот дипломатски мандат, со тоа што се обидел да добие класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија.
„Се работи за обид за добивање класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија. Но, должни сме да го заштитиме идентитетот на дипломатот и ќе биде штетно да се шпекулира. Нашите сознанија се потпираат врз цврсти докази и немаме дилеми околу тоа“, рече Димитров.
Тој на прес-конференцијата додаде дека ќе биде штетно да се шпекулира и дека тие се должни да го заштитат идентитетот на дипломатот.
Министерката Кнајсл изјави дека Австрија се изјаснила за солидарност со Велика Британија, а кога станува збор за протерување на дипломати тоа е билатерално прашање за проценка.
„Во тешки времиња особено е важно да ги оставиме отворени каналите за комуникација. Австрија има политика на неутралност, политика што гради мостови. Тоа е традицијата на австриската дипломатија“, одговори Кнајсл.








