Хорхе Сампаоли им откри на новинарите дека Лионел Меси бил постојано покрај своите соиграчи и покажал голема солидарност без оглед на тоа што не можел да им помогне на теренот во мечот со Шпанија, обрзложувајќи дека капитенот бил со нив во соблекувалната на полувремето и по крајот на мечот.
Селекторот на Аргентина обелодени дека Меси одржал говор во соблекувалната на паузата меѓу двете полувремиња, а иако телевизиските снимки ни ја покажаа неговата фрустрација по шестиот гол кој го примија „гаучосите“ во дебаклот од „фуријата“, медиумите сега информираат дека Меси одиграл главна улога во говорот на Сампаоли и по крајот на средбата која заврши 6:1.
Како што тврди аргентински „Ла Насион“ според инсајдерска информација од стручниот штаб на Аргентина, Меси се симнал во соблекувалната на „Ванда Метрополитан“ по крајот на средбата и го надополнил својот селектор кој не знаел баш што да им каже на играчи по катастрофата.
– Кренете ја главата. Од ова ќе излеземе сите заедно, – им порачал Меси на своите соиграчи кои секако биле видно депримирани во соблекувалната по фудбалската лекција која ја добија во Мадрид.